Државниот студентски дом „Кочо Рацин“ во Битола е целосно подготвен да ги прими студентите и во претстојната академска година, информира директорот на установата во пресрет на објавувањето на конкурсот за прием и сместување.
Домот располага со 385 легла, од кои 77 се наменети за бруцоши, а останатите за студентите од втора, трета и четврта година.
Месечната цена за сместување изнесува 6.990 денари, при што државата субвенционира половина од износот, па студентите плаќаат 3.550 денари. Од плаќање на партиципацијата се ослободени студентите од социјално загрозени семејства, семејства со пониски приходи, како и децата на бранителите.
Во однос на најавената капитална реконструкција на студентскиот дом, од раководството информираат дека проектот се наоѓа во завршна административна фаза. Завршени се сите неопходни мерења и сеизмички испитувања на носивоста на објектот, а почетокот на градежните работи се очекува во наредните неколку месеци.
Во меѓувреме, домот продолжува да функционира со полн капацитет, организиран во пет павилјони. На студентите им се обезбедени два оброка дневно – ручек и вечера, на располагање им е и бонска продавница, а сместувањето е во солидно опремени соби.
Според анкетите спроведени меѓу студентите на почетокот и на крајот од изминатата студиска година, домот добил високи оценки за квалитетот на сместувањето, исхраната, како и за професионалниот однос и посветеноста на вработените.
Од Државниот студентски дом „Кочо Рацин“ истакнуваат дека и понатаму остануваат посветени на унапредување на студентскиот стандард и отворени за соработка со јавноста и медиумите.
