На 21 јули во Маруби – Национален музеј за фотографија во Скадар, беше отворена изложбата „Јанаки и Милтон Манаки“. Оваа изложба е прва соработка помеѓу Државниот архив Одделение Битола и Музејот Маруби, а воедно и прво претставување на дел од архивското наследство на браќата Манаки во Албанија.
Куратор на изложбата е д-р Лучијан Бедени – директор на Музејот Маруби, а координатори на соработката се Гоце Стојановски – раководител на Одделение Битола и Димитар Ѓорѓиевски – соработник за средување и обработка на архивски материјал во Одделение Битола.
Изложбата е концептуално осмислена околу темата за миграциите на населението на Балканот во 20 век и етнографските конекции меѓу различни народи како и дискурзивно читање на сведоштвата за ритуали кои укажуваат на културната интимност помеѓу народите на Балканот. Вивиден портрет на овие елементи може да се најде токму во фотографската дејност на браќата Манаки остварувана и документирана на нивните патувања низ регионот.
Оваа културна соработка е дел од активностите во рамки на летната програма KulArt 2023 на Министерството на Култура на Република Албанија во соработка со Државниот архив на Република Македонија. Исто така, на оваа колаборација претходеше Меморандум за соработка потпишан помеѓу директорите на двете институции.
На денот на отворањето на изложбата, делегација од Државен Архив – Одделение Битола присуствуваше во Музејот Маруби и можеше подетално да се запознае со тимот на музејот, кој со нашиот колектив ги сподели своите искуства за создавањето на изложбата, како и за процесот на создавањето на Музејот Маруби, методологиите кои ги користат за чување, истражување и презентација на нивната фотографска збирка.
Галерија од изложбата ТУКА