Изложувањето на професор Стерјовски Александар „за робовите
и синџирите“ морам да признам ме потресе и ме врати во моето рано
детство. Ова што ќе го кажам не знам дали некаде е регистрирано, ако
не е, тогаш веројатно нешто ќе одгатне, а и нешто ќе загатне и веро-
јатно некој тоа ќе го искористи некогаш.
Настанот е поврзан со рушењето и расчистувањето на Старата
џамија, онаа што се наоѓаше наспроти стариот Житни Пазар, односно на местото од денешната Егејска зграда, зграда која се наоѓа наспроти Стоковната куќа „Јавор“.
Моето семејство, што ќе рече и јас, живеевме во непосредна близина на џамијата, дури тука и игравме во дворот на џамијата, а понекогаш без да знаеја одговорните за чување на џамијата се качувавме на минарето. Добро се сеќавам кога џамијата ја рушеа,.уште повеќе кога игравме разни детски игри во рушевините.
Но многу добро се сеќавам кога го расчистуваа теренот од рушевините, а уште повеќе кога ги копаа темелите за изградба на станбената зграда. Зградата се изгради и три влеза се наоѓаат на улицата „Иван Милутиновиќ“ и еден влез на ул. „Свети Наум“ со бр. 1.
Еден ден, во тој период, во маалото се разнесе глас дека пронајдени биле човечки костури поврзани со заеднички синџир во дворот на џамијата. Истрчавме поголема
група деца да го видиме тоа „чудо“.
Сликата cè уште ми е многу жива.
Понекогаш ја возобнуваме со моите другари Петар Дракуловски, Танче Дракуловски, Ице Делов и со други мои врсници, што ќе рече дека
нема дилема во она што го видовме и во ова што го кажувам.
Навистина, во заеднички гроб, наредени еден до друг, врзани со
заеднички синџир за нозете, се наоѓаа 5 или 6 костури. Ние ја видовме финалната слика. Претпоставувам дека оние кои ги откопуваа го правеа тоа многу внимателно.
Чии беа тие костури и од кое време беа не знам, како што не знам кој ги откопа и дали е направена документација или фото-документација. Ако сакаме да го лоцираме местото попрецизно, со голема сигурност тврдам дека тоа место беше точно каде што се издига денес „Егејската зграда“ но на оној влез што гледа кон исток, кон паркчето со споменикот на Ѓорѓи Сугарев.
Ете, тоа е мојот прилог кон денешнава трибина.
Д-р Душан Ристовски за трибината Битола во минатото V





