На почетокот на ХХ-тиот век, Македонија била често на насловните страници на весниците во Европа. Интересот бил зачнат со аферата „Мис Стон“ во која американската методистичка мисионерка Елен Марија Стон и нејзината бремена придружничка, г-ѓа Катерина Цилка биле грабнати во Отоманска Македонија од бунтовничката група на Јане Сандански и ослободени (заедно со новороденчето) во февруари 1902 година, откако била платена откупнина од 14000 турски златни лири. Оваа вест била прва „заложничка криза“ во историјата на модерното новинарство.
Приказната продолжила да живее и во текот на 1902-година, бидејќи госпоѓата Стон манифестирала неочекуван излив на „Стокхолмски синдром“. Имено во нејзините интервјуа и говори, таа се симпатизирала со нејзините грабнувачи, именувајќи ги како “Борци за слобода на Македонија“ и критикувајќи ја американската политика за Балканот. Европската публика сакала да разбери што точно се случува во оваа непозната османлиска провинција, кој народ живее таму, што може да се очекува да се случи во иднина? За да одговорат на овој читателски интерес, европските весници започнале да ги праќаат во Македонија своите најдобри новинари.
За италијанскиот весник „Corriere della Sera“ тоа бил новинарот Вико Мантегаца (Vico Mantegazza) (1856-1934).
Балканот му бил познат на Мантегаца. Бил кореспондент за Балканот кога траела војната меѓу Румелија и Бугарија во 1886 година. А неговата репутација за храбар и искрен новинар ја стекнал во следните 3 години во источна Африка од каде што „без пардон“ известувал за расистичките колонијани активности на италијанските воени трупи. На почетокот на ХХ-тиот век, Вико Мантегаца објавува колумни, мислења па и книги за тоа каква треба да биде италијанската политика на Балканот. Неговите мислења биле различни и спротивни од официјалната политика на Италија.
Вико Мантегаца пристигнува во Македонија во Март 1903 година. Останува два месеци во кои се задлабочува во историјата на регионот, етничките групи и политичките случувања. Престојува во Скопје, Солун, Прилеп и Битола.
Во тоа време секој новинар бил и фотограф , и сликар. Новинарите доаѓале во егзотичната Македонија сами. Се немало пари за големи тимови. Фотографските апарати биле гломазни и статични. Известувачот морал да има солидно знаење од хемија и физика да го ракува апаратот. Кога биле во движење, новинарите изработувале скици кои ги праќале во своите студија и од кои други илустратори изработувале илустрации кои ќе бидат испечатени во весникот. Мантегаца изработил или собрал околу 40-тина фотографии и неколку скици.
За време на неговиот престој се случува уште една ударна вест која ја става Македонија повторно на насловните страници во Европа. Имено , на 28 Април 1903 во Солун, група на млади момчиња изведуваат серија на терористички акции во кои се изведува експозија на бродот „Гвадалкивир“, Отоманската Банка, кафеаните „Египет“, „Њоњо“ и „Алхамбра“ како и хотелот „Гранд“. И наместо локалното население да ги осуди овие терористи, тоа ги славело како херои. Европа е повторно збунета . Кои се овие луѓе? За што се борат?
По нападот на Гемиџиите, Мантегаца се враќа во Италија и одлучува да објави книга со сите фотографии и скици, со надеж дека таа книга ќе им помогне на Италијаните да ја разберат Македонија. Книгата „Macedonia ( marso-aprile 1903)“ излегува од печат во во Милано кон средината на 1903 година, во мал тираж и е наменета за италијанските политичари и историчари. На 330 страници , Вико Мантегаца се обидува да им го објасни Македонскиот прашање. Неодамна имав среќа да најдам еден оригинален примерок од една книжарница во Франција . Во оваа приказна споделувам со Вас некои од фотографиите и скиците од книгата.
Мантегаца се враќа повторно во Македонија во 1908 за да известува за конструкцијата на новата Австро-Унгарска пруга низ Балканот. Во тоа време Отоманското царство ги брои своите последни денови. Царството е пред банкрот исцрпено од постојаните војни со Русија на Крим. На теренот владее корупција и хаос. Соседите гледаат кон Македонија и се оближуваат.
Мантегаца повторно објавува книга со наслов „Либерална Турција и Балканското Прашање“ во кое вели дека најголема грешка би била ако некој се обиде да го реши Македонското прашање на еднонационален принцип – политички концепт кој бил популарен во Европа во тоа време. Населението било измешано и мулти етничко. Не можело така лесно да се подели и приклучи на некоја од државите соседи на Турција.
Но повторно ставот на Мантегаца бил спротивен од официјалните европски ставови. Четири години подоцна, Европа се обидува да го реши Македонското прашање со територијална и етничка поделба на територијата. Започнуваат Балканските војни. И Македонската траума од тие војни која ќе тлее до денес.
Извор и повеќе фотографии Artlexicon