Трифун Ѓорѓиев Пановски е роден на 1 февруари 1912 година во леринското село Буф, Егејскиот дел на Македонија. Подоцна со родителите се преселил во Битола, каде завршил гимназија во учебната 1933/34 година. По завршувањето на гимназијата, своето образование го продолжил во Белград каде се запишал на Медоцинскиот факултет. Уште за време на студентските денови, Пановски влегол во напредното студентско движење.

По дипломирањето на Медицинскиот факултет во Белград, Трифун Пановски кратко време работел во Ниш, а потоа во Обласната хигиенска лабораторија во Битола, како началник на Антималаричната служба.

Набрзо по окупацијата на Југославија во 1941 година, Пановски се приклучил во Народноослободителната борба (НОБ). Тој започнал да го поддржува народноослободителното движење и за првиот партизански одред собирал лекови, храна, муниција, оружје и друго.

Во крајот на 1941 година, Пановски станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и веќе на 20 април 1942 година, за време на априлската провала, бил откриен од окупаторот и уапсен. Во недостиг на докази, Пановски бил ослободен и во текот на 1943 година бил интерниран во Бугарија, каде бил мобилизиран како лекар во бугарската армија.

Меѓутоа на почетокот на 1944 година, д-р Трифун Пановски избегал од бугарската армија и им се приклучил на македонските партизани. Тој станал главен лекар во Партизанската болница на Кожуф, а потоа бригаден лекар на Првата македонско-косовска бригада.

Како лекар на Првата македонска бригада, д-р Пановски работел во партизанската болница која ја организирал кај селата Песочани и Ехловец, во подножјето на Караорман и Славеј. Во неа тој ги лекувал тешко ранетите борци, а под негов надзор биле лекувани полесно ранетите борци во своите единици.

Д-р Трифун Пановски поради својата храброст и пожртвуваност бил сакан и почитуван од своите соборци, но набрзо тој загинал од мина кај струшкото село Буринец.

На 22 јуни 1944 година во близина на селото Буринец (Малесија) при едно пробно гаѓање со минофрлач, од ненадејна експлозија бил тешко ранет заедно со командантот на Првата македонска бригада Коле Канински и уште тројца нивни соборци. Иако и самиот бил тешко ранет, Трифун Пановски им помагал на останатите повредени, сè додека сите не им подлегнале на раните.*

Д-р Трифун Пановски е патрон на медицинскиот центар во Битола и основното училиште кое е во непосредна близина на куќата каде што живееше на средината од ул. Охридска. Како што можевме да забележиме објектот е во приватна сопственост на наследници кои долги години не се грижат воопшто за него. Истиот е напуштен и е во многу очајна состојба без никакво обележје дека тој беше дом на голема и знаменита личност од битно значење во поновата историја за Битола. Од раскажувањата на неговите блиски познаници точната вест од тогапната случка е дека мината во обратна насока била пуштена во минофрлач и затоа имало експлозија, што за нас денес е многу дискутабилно и за неверување бидејќи такво нешто тешко дека е возможно.

*Текст дел извадок од Македонска Нација