ДОЖДОТ НЕ ЈА ЗАПРЕ СВАДБАТА – ОД КУЌАТА НА МИЛТОН МАНАКИ, ПО ШИРОК СОКАК, ПЕШ ДО „СВ. ДИМИТРИЈА“

од • October 11, 2026 • 0 коментари

Велат, дожд на свадба носи бериќет. А ако е така, оваа битолска свадба ќе има бериќет за цел живот.

Ситен дожд, мокар Широк Сокак, музика, сватови и една невеста која од својот роден дом тргна кон новото животно поглавје.

Зетот, дотеран како што му доликува, со другарите, кумот, деверите, сватовите и музиката, пристигна по својата невеста. И покрај дождот, свадбената поворка реши пеш да го помине Широк Сокак, сè до црквата „Св. Димитрија“, каде што се одржа венчавката.

Но, оваа свадба имаше и една посебна историска симболика.

Невестата тргна од својата родна куќа, во која некогаш живеел и творел Милтон Манаки, еден од пионерите на балканската кинематографија.

За Бабам Битола / Babam Bitola , младоженците ја споделија својата приказна и емоциите од овој незаборавен ден:

„Немавме конечна одлука до последен момент дали патот до црквата ‘Св. Димитрија’, каде што беше нашата венчавка, ќе го поминеме пеш. Сè зависеше од тоа колку силен дожд ќе има.

Сепак, на крај, иако Широк Сокак беше мокар и росеше, тргнавме пешки, исполнети со возбуда, во состојба на чиста среќа и нескротлива еуфорија. Во тој момент не дозволивме ниту една пречка да нè поколеба во нашата замисла.

Чувството беше прекрасно. Опкружени со нашите најблиски, со свирачите околу нас, со песна зачекоривме од мојата родна куќа, куќата во која живееше и твореше Милтон Манаки – сè до црквата.

Во истиот период кога беше нашата свадба, се одржуваше и овогодинешниот филмски фестивал ‘Браќа Манаки’, па нашето свадбено дефиле по најпознатата битолска улица го проследија и бројни странски посетители, случајни минувачи, но и битолчани кои уживаа во своето петочно попладневно кафе.

Сите снимаа, ја споделуваа радоста со нас, ни мавтаа и нè поздравуваа“, раскажуваат младоженците.

И навистина, има нешто посебно во оваа приказна.

Да растеш на Широк Сокак, секојдневно да чекориш по него, да го гледаш од својот прозорец, а еден ден токму оттаму, во венчаница, да тргнеш со човекот со кого ќе го продолжиш животот.

И сето тоа во деновите кога Битола живее во знакот на филмската уметност, а почетокот на свадбената поворка е токму од куќата на Милтон Манаки.

Како уште една сцена од некој стар битолски филм.

А дождот? Нека си врни.

Старите велат дека носи бериќет.

На младоженците им посакуваме многу љубов, здравје и среќа, а Широк Сокак доби уште една убава приказна што вреди да се запамети.

Нека Ви е со среќа Катерина и Ристе.

Babam Bitola

Comments are closed.