Дивокоза (Rupicapra rupicapra) по долго време повторно е регистрирана на фотозамките во Националниот парк „Пелистер“, како резултат на интензивниот мониторинг и засилените активности на ренџерската служба.


Од НП „Пелистер“ информираат дека дивечот сè почесто се забележува во своите природни живеалишта, како во зоната на активно управување, така и во зоната на строга заштита.
Фотозамките овозможуваат следење на движењето и бројноста на животните, нивната здравствена состојба, но и нивното однесување и улога во природниот синџир на исхрана.
Покрај дивокозата, камерите регистрирале и волк (Canis lupus) кој се движи со својот плен – срндач (Capreolus capreolus), како и група диви свињи (Sus scrofa), што е карактеристичен начин на движење на овој вид на Пелистер.


На фотозамките е регистрирана и дивата мачка (Felis silvestris), животно кое посетителите понекогаш го помешуваат со балканскиот рис, иако станува збор за два вида со значително различни карактеристики.




Особено значајна е појавата на дивокозата, која по долг период на интензивно следење повторно е документирана на Пелистер.
НП Пелистер
