ДЕСЕТ ЕКИПИ ОД ТРИ ДРЖАВИ ДЕНЕС ВО БИТОЛА ЌЕ СЕ НАТПРЕВАРУВААТ КОЈ ЌЕ ЈА ПОДГОТВИ НАЈДОБРАТА ЧКЕМБЕ ЧОРБА

од • October 10, 2026 • 0 коментари

Битола денес, 10 октомври, е во знакот на традиционалната гастрономија, добрата храна и дружењето. На плоштадот „Магнолија“, во рамките на првото издание на „Чкембе фест Битола 2026“, ќе се одржи меѓународен натпревар во подготовка на чкембе чорба, на кој ќе учествуваат десет екипи од Македонија, Турција и Унгарија.

По вчерашното свечено отворање, фестивалот денес продолжува со својата централна програма, која ќе ги обедини мајсторите на традиционалната кујна, љубителите на чкембето и бројните посетители.

Кулинарските екипи ќе ги претстават своите рецепти, зачини и начини на подготовка, а меѓународно жири ќе ги оценува нивните специјалитети.

Покрај гастрономскиот натпревар, од 10:30 часот е најавена богата културно-забавна програма со настапи на КУД „Илинден“, „Етно Илинден“, „Весели пензионери“ и други учесници, кои ќе придонесат за празничната атмосфера на плоштадот.

Чкембе чорбата, која со генерации е присутна на битолските трпези и во старите градски кафеани, денес добива посебно место како гастрономски симбол што ги поврзува традицијата, локалната култура и современиот туризам.

Првото издание на „Чкембе фест“ претставува можност Битола дополнително да го афирмира своето богато кулинарско наследство, но и да воспостави нова фестивалска традиција што ќе привлекува посетители од Македонија и странство.

Манифестацијата се одржува од 9 до 11 октомври, во организација на „Гурман Плус“ и „Еснаф“, со поддршка од Општина Битола.

Денес сите патишта водат кон Магнолија – каде што ќе се избира најдобрата чкембе чорба, а Битола уште еднаш ќе покаже дека добрата храна е дел од нејзината традиција и препознатливост.

Babam Bitola

Comments are closed.