ДВА ЗЛАТНИ И ЕДЕН БРОНЗЕН МЕДАЛ ЗА КБК „ЕНЕРЏИ“ ОД БИТОЛА

од • October 17, 2026 • 0 коментари

Кикбокс клубот „Енерџи“ од Битола забележа уште еден успешен настап на меѓународната натпреварувачка сцена на ,,Трофеј на Белград 2026“ освојувајќи два златни и еден бронзен медал на последниот турнир на кој учествуваше со четворица натпреварувачи.

Дарко Нумановиќ го освои златниот медал во дисциплината Kick Light, во категоријата до 74 килограми, во сениорска конкуренција. Со две доминантни победи, Нумановиќ го освои првото место на својот дебитантски настап меѓу сениорите. Неговиот резултат претставува дополнителна потврда за довербата што ја доби од селекторот во пресрет на Европското сениорско првенство.

До златен медал стигна и Петар Лозановски, кој настапи во дисциплината Low Kick, во категоријата до 60 килограми, во конкуренција на помлади јуниори. По освоената бронза на Светското јуниорско првенство, Лозановски уште еднаш го потврди својот квалитет, забележувајќи две убедливи победи и освојувајќи го турнирот.

Маригона Зенуни освои бронзен медал во дисциплината Kick Light. Иако нејзината категорија е до 50 килограми, во конкуренција на постари кадети, поради недостиг на противнички мораше да настапи во повисока тежинска категорија. Таму се соочи со актуелната светска вицешампионка, против која, и покрај поразот, прикажа храбра и борбена изведба.

Четвртата претставничка на битолскиот клуб, Марија Димовска, беше подготвена за настап во дисциплината Low Kick, во сениорските категории до 60 и до 65 килограми. Сепак, поради повлекување на потенцијалните противнички, таа не доби можност да се натпреварува.

Со освоените три медали, КБК „Енерџи“ продолжува со успешните настапи и потврдува дека Битола располага со квалитетни и перспективни кикбоксери, способни за високи резултати и во младинска и во сениорска конкуренција.

Babam Bitola

Comments are closed.