На симболиката на простувањето, семејството и традицијата, годинава на Широк Сокак повторно се испиша една убава приказна што ги поврзува минатото и сегашноста.

Милена Марковска заедно со својот татко Илија Марковски беа фотографирани во 2005 година за време на празничната атмосфера на Прочка, а токму на истиот ден, 22 февруари 2026 година, повторно застанаа пред објективот на истото место, на препознатливиот Широк Сокак во Битола.

Фотографиите сведочат за времето што минува, но и за традицијата што останува жива. Илија Марковски со децении е активен член на КУД Илинден Битола, а неговата љубов кон фолклорот продолжува преку Милена, која ги следи неговите стапки како член на истиот ансамбл.

Покрај активностите во културно уметничкото друштво, таа е и студент на Катедрата за етнокореологија при Универзитет Гоце Делчев Штип, каде што својата посветеност кон традиционалната игра и култура ја надградува и академски.

Прочка на Широк Сокак повторно покажа дека традицијата не е само спомен од минатото, туку жива врска меѓу генерациите. А кога љубовта кон фолклорот се наследува од татко на ќерка, тогаш приказната продолжува да се пишува сама.

Голема благодарност до Валентин Соклевски и Петар Ставрев