Едногласното прифаќање на иницијативата за ослободување од комунална такса за угостителските објекти во Старата битолска чаршија од страна на Советот на Општина Битола е добар почеток за заживување на едно од најпрепознатливите обележја на Битола. Но, доколку навистина сакаме чаршијата повторно да стане душата на градот, потребен е пакет мерки кои ќе донесат нова енергија и ќе ги мотивираат младите луѓе да инвестираат токму таму.

Покрај ослободувањето од комунална такса, како дополнителни мерки може да се разгледаат субвенции за отворање нови дуќани и семејни бизниси, грантови за млади претприемачи, поддршка за реставрација на автентичните фасади и зачувување на традиционалниот изглед на чаршијата, како и намалени закупнини за оние кои ќе започнат бизнис во овој дел од градот.
Една од најинтересните идеи би можела да биде проектот „Отвори дуќан во Чаршијата“, преку кој Општината би доделувала неповратни грантови или почетна финансиска поддршка за млади луѓе што ќе отворат книжарници, галерии, сувенирници, слаткарници, уметнички ателјеа, традиционални занаетчиски работилници или други автентични бизниси. На овој начин би се создале нови работни места, би се поттикнала креативноста и претприемништвото, а чаршијата повторно би добила душа и препознатливост.
Особено значајна би била и мерката угостителските објекти во Старата битолска чаршија да имаат дозволено работно време еден час подолго од останатите локали на територијата на Општина Битола. Со тоа би се поттикнал вечерниот живот, би се зголемила посетеноста, особено во летниот период, а чаршијата би станала уште поатрактивна дестинација и за битолчани и за туристите.
Дополнително, потребно е организирање редовни културни и гастрономски настани, викенд-саеми на традиционални производи и ракотворби, бесплатни концерти, изложби и улични перформанси, со што чаршијата би станала место каде што постојано нешто се случува. Во оваа насока, важни се и подобрувањето на осветлувањето, урбаната опрема, туристичката сигнализација и создавањето на заеднички бренд „Старата битолска чаршија“ за промоција на локалните бизниси.
Враќањето на сјајот на Старата битолска чаршија не треба да се гледа само како економска мерка, туку како вложување во идентитетот на Битола. Со вистинска стратегија, поддршка и визија, чаршијата може повторно да стане живо место исполнето со луѓе, занаети, мириси, музика и приказни, токму онаква каква што битолчани ја паметат и ја посакуваат. Време е Старата чаршија повторно да биде гордоста на градот и место каде што ќе се создаваат нови битолски приказни.
