За Дарко Гроздановски, враќањето на сцената на концертот посветен на 30 години СИ-ДО не било само настап, туку враќање во едно време полно со емоции, другарства и детски возбуди.

„Самиот мирис на Домот на културата во Битола уште одма ме врати години назад кога влегов внатре… Потоа сценографијата, пријателите, музичарите, сето тоа ми побуди најубави чувства и спомени. Но најмногу публиката… нивните насмевки, пеењето заедно со нас, аплаузот“, раскажува Дарко.

Дарко настапил на СИ-ДО во 2008 година со песната „Марија“, чиј автор е Миле Шерденков.
Но, зад песната се крие и една симпатична детска приказна што и денес ја памети.
„Сосема случајно се вика така, но во тоа време јас имав симпатија која се викаше Ана Марија. Се сеќавам дека дојде на фестивалот, седеше во прв ред и кога јас завршив со песната, стана од столчето и ми прати бакнеж“, се присетува Дарко со насмевка.

А тогаш, како што вели, емоциите биле посилни од сè.
„Јас едвај се повлеков од бината бидејќи имав „пеперутки во стомакот“ и ми се тресеа нозете. Ете тоа никогаш нема да го заборавам…“

Токму ваквите моменти покажуваат дека СИ-ДО не бил само фестивал на песни, туку фестивал на детски емоции, први симпатии и спомени што остануваат за цел живот.

