Националната атлетска надеж Дарија Крстевска ја започна новата сезона со одлични резултати на Националното првенство во атлетика на Бугарија за атлетичари под 18 години, кое се одржа во Софија на 1 и 2 февруари.

Крстевска, која настапи вон конкуренција, постави личен рекорд на 1.500 метри со време 5:17.84, што ѝ донесе трето место. Покрај ова, таа учествуваше и во трката на 800 метри, каде со време 2:34.37 го освои петтото место.

Со овие резултати, атлетичарката на АК Олимп најавува уште една успешна сезона исполнета со рекорди и борба за нови подиуми.

„Пресреќна сум што сезоната ја започнувам со личен рекорд и добри пласмани. Ова е само почеток, продолжувам со посветена работа за уште подобри резултати во претстојните натпревари“, изјави Дарија Крстевска по натпреварот.

Од АК Олимп истакнуваат дека Крстевска останува еден од најсветлите атлетски таленти и дека клубот ќе продолжи да ја поддржува во нејзиниот развој и идни успеси.