Пишува: Константин Петровски

Ако сите муабети од по кафани во Битолата се испишат во книги и ако Александрийската библиотека е уште жива и здрава (пример велиме), веднаш ќе се самозапали од мака. А www.amazon.com од книги сместа ќе се преориентира на продавање на бои, лакови и потрошен материјал.

Маргарет Мичел („Однесено со виорот“) во споредба со усното творештво на битолските скапани од два пола испаѓа една неамбициозна фељтонистка.

Перл Бак, во фер натпревар со битолски сказниџии од типот „83 во Лептокарија ко имавме пари, вие младите појма немате“ ќе се пласира на ниското второ место. Таква авторка најжива ќе ја досада патентира.


Џорџ Орвел ако го мериме со социјалниот радикализам на публиката на ТВ – говорницата на Орбис изгледа во едно бледо буржујче.

Да знаеше Лавкрафт, таткото на хорор литературата, колку приказни имаме за деца од три години што се појавуваат на патот за Кланица на колнок или за вампирот од Бераници, ќе фатеше да пише песнички за ливади и цвеќенца на пролет.

Синклер Луис да ја познаваше Битола, наместо „Главната улица“ ќе го пишеше „Широк сокак“.

Ех, да знаеше, ама веќе малкумина знаат за градот за што тој е основно нево. Дека е културен, финансиски, историски и сите останати центар. И дека има широки улици и многу булевари.

Битола е градот кој го прават луѓето кои што живеат во него. Булеварите се сепак под број два, а и мислам дека има само еден.

Битола се луѓето. Различни, а исти. И во нив сèкави и никакви, секој со својата приказна и мака.

Битола е романтична бајка за втростиени дипломати, разумнавачи и изелници.

Тие секој ден си карале мајка што немат вујко министер, па да добијат некое подобро место за конзуларна служба, а не овој забатален дел од Отоманското царство.

Градот Битола е бруталното секојдневие на амбициозни млади, тогаш бригада на невработени кои што години се прашуваат кај им отиде животот и што направиле со него и од него.

Битола е средношколките на Широк сокак, пијачите на кафе што ден не пропуштаат без големо макијато со чаша вода и ромските деца кои просјачат низ широката улица.

Битола се муабетите под градскиот часовник до доцна во ноќта, кога никој и не ти слуша одѕвонувањата на саатот, на кој што и онака покажува точно време не му е јака страна.

Од тука и колатерална штета – битолчани секогаш на договорот каснат минимум петнаесет минути.

Академска четврт.

Си признаваме дека малкумина знаат за Битола. Но за неа знаеме ние, луѓето што во неа живеат. Сосем доволно.

Нека е среќен 4 Ноември.


Во чест на Денот на ослободувањето на Битола – 4 Ноември, ја објавуваме колумната „Градот“ на Константин Петровски, текст кој со духовитост, носталгија и битолска искреност зборува за тоа што навистина значи да се биде од Битола.

Петровски со свој препознатлив стил вели дека ако сите битолски муабети се соберат во книги, Александрийската библиотека би се самозапалила, а Amazon би морал да продава лакови наместо книги. Во неговиот текст, Битола е романтична бајка и сурова реалност во исто време, место на кафе-пауза и иронија, на незадоволство и љубов, на постојан муабет и топла човечност.

„Битола е градот што го прават луѓето што живеат во него,“ пишува авторот. „Битола се луѓето – различни, а исти, секој со својата приказна и мака.“

Со овој текст, Петровски го доловува духот на градот кој секогаш малку доцни, но никогаш не задоцнува да покаже што значи битолска душа.

Нека ни е честит 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола.