По повод Денот на Хрватскиот Парламент, во Битола во Центарот за култура на 14.10 со почеток од 19.30 ќе биде изведена претставата „Жаба“ на Сатиричниот младински театар од Славонски Брод, Хрватска.

Гостувањето на овој театар е во организација на МХД.Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“, Битола, во соработка со општина Битола и Центарот за култура.

Претставата е базирана на текстот на Дубравко Михановиќ, повеќекратно наградуван, преведен и изведен текст, а 19 години по неговото создавање е подеднакво актуелна приказна за препознатливи луѓе на кои им е тешко да се приспособат на времиња на искривени вредности. Премиерата на истата беше во април оваа година.

Програмата на Хрватскиот културен центар е направена да ја поттикне меѓународната јавност да се запознае со хрватското културно наследство, хрватскиот јазичен идентитет. Културните посети и соработки траат повеќе години, следната година се одбележува јубилеј од 30 години на организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција.

Во претставата играат:Иван Кнежевиќ, Славко Радовановиќ, Морено Мијатовиќ, Силвио Стилиновиќ, кој воедно е и режисер на претставата.

Инаку, овој театар постои од 2006 година, добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа. Како што велат самите актери- за нас наградите се доказ дека сме на вистинскиот пат за она што го работиме. Сатиричниот театар со право може да каже дека со своите претстави, културното значење и просторот што го отвора за младите и љубителите на театарот е еден од столбовите на општествениот живот на градот Славонски Брод.
СКМ често се нарекува театар на тркала. Голем број гостувања, од Битола, Витез, Крагујевац, Бјеловар, Сињ, е една од значајните карактеристики на работата на театарскиот ансамбл. Втората секако е Аматерскиот театарски фестивал во организација на СКМ., и трето, во своето долгогодишно постоење, СКМ е местото од каде што 11 млади луѓе ги пронашле своите повици во животот и студирале или дипломирале на уметничките и театарските академии од Осиек, Загреб, Сплит до британскиот Лидс.

Оваа година Хрватскиот културен центар беше организатор на повеќе значајни манифестации, иницијатор на потпишување на Меморандум за соработка помеѓу КИЦ Битола и Мултимедијалниот културен центар од Сплит, организатор на турнејата на КУД Илинден во Хрватска, учесник на меѓународни конференции и семинари и сл.

,