„Горната“ не се отпишува: Двојна ракометна круна и нов успех на Гимназијадата во Струмица

од May 13, 2026 0 коментари

Гимназијадата во Струмица 2026 повторно донесе причини за гордост за Битола и за битолската Гимназија, која со години важи за расадник на спортски таленти и шампионски генерации.

Преку емотивна објава, професорот по физичко образование Михајло Силјанов уште еднаш потсети дека зад секој успех стојат години работа, труд, посветеност и генерации ученици кои со срце го носат дресот на своето училиште.

Оваа година учениците од „Горната“ повторно блеснаа на спортските терени на Гимназијадата во Струмица. Машката и женската ракометна екипа се закитија со шампионските титули, додека машката кошаркарска екипа освои одлично трето место, потврдувајќи дека спортскиот дух во училиштето живее со полна сила.

„15 години на врвот“, напиша Силјанов, испраќајќи порака која зборува за континуитетот на успесите и традицијата која ја создаваат генерации ученици спортисти. Во својата објава тој потенцираше дека „не можете да нè отпишете колку што ние можеме да се запишеме“, алудирајќи на истрајноста и победничкиот менталитет на младите спортисти.

Посебно место во неговата порака имаа учениците, кои ги нарече „дијаманти на Битола“, млади луѓе кои не се само успешни спортисти, туку и ученици кои достоинствено го претставуваат своето училиште и град.

Успехот од Струмица е уште една потврда дека „Горната“ продолжува да создава генерации шампиони, а зад нив стојат професори и ментори кои веруваат во нив и ги водат кон нови победи.

Babam Bitola

Comments are closed.