Гимназијата „Јосип Броз-Тито” во Битола е една од најстарите образовни институции на просторите на Република Македонија, со големо реноме и почит. Таа е првата гимназија во ослободена Македонија во која на 6 февруари 1945 година почнува да се изведува настава на македонски јазик. Секоја година во училиштето настава посетуваат околу 800 ученици.

Почетокот на нејзиното постоење се врзува со периодот на Османлиската империја, на крајот од деветнаесетиот век. Зградата во која денес работи ова средно училиште е изградена во 1882 и била приватна куќа на Сали-паша, богат земјопоседник. Тој во 1892 за 600 златни турски лири ја продал куќата на општината, а таа ја претворила во полна гимназија, во која наставата се изведувала на турски јазик. Во неа учеле исклучиво машки деца, и тоа од побогатите турски семејства во градот. За потребите на гимназијата биле носени професори од Солун.
Балканските војни донеле промена на власта во Битола, а со тоа и во Битолската гимназија.

По заземањето на градот од страна на српската војска, во ноември1912 година, српските власти ова училиште целосно го промениле, и наставата започнала да се одвива на српски јазик. Со мали паузи во периодот на најжестоките борби во Првата светска војна, оваа гимназија продолжила да работи како српска сѐ до 1941 година, односно до почетокот на Втората светска војна. Значењето на ова училиште е уште поголемо, поради тоа што меѓу двете војни во Македонија имало само две средни училишта, во Скопје и Битола, поради политиката на денационализација што српската власт ја спроведувала на овие простори. По поразот на Југославија и окупацијата на Македонија, новата бугарска власт гимназијата ја претвора во полна гимназија, во која се предава на бугарски јазик. Најголем дел од професорите кои предавале во гимназијата биле донесени од Бугарија.
Битолската гимназија има особено место во историјата на македонскиот народ и поради тоа што таа е првото средно училиште во кое започнала настава на македонски јазик. Тоа се случило на 6 февруари 1945, во период кога сѐ уште траеле борбите во Втората светска војна.

Претходното име на гимназијата било „Гоце Делчев”, но во 1952година со одлука на наставничкиот совет името е променето во „Јосип Броз Тито”, а тоа име го носи денес. до сега има дадено дури 16 академици.

Со таква генерација академици малку средни училишта и факултети во Македонија можат да се пофалат.
Академиците Михаил Петрушевски, Ѓорги Филиповски, Петар Серафимовски, Кирил Миљовски, Димче Коцо,Љубен Лапе, Александар Христов, Ѓорги Чупона, Томе Бошевски, Ристо Лозановски, Петре М..Андреевски, Анте Поповски, Живко Попов, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле и актуелниот претседател на МАНУ, Владо Камбовски, се академиците што своето средно образование го завршиле во Горната гимназија во Битола. Петар Серафимов, Кирил Миљовски, Ѓорги Филиповски и Михаил Петрушевски, биле дури и меѓу основачите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).