Во Македонскиот олимписки комитет синоќа беше организиран прием за македонските боксери Ален и Адријан Рустемовски, по нивниот значаен успех на Европското првенство за млади сениори до 23 години, што се одржа во Ереван, Ерменија, во организација на ЕУБЦ.

Ален Рустемовски освои сребрен медал, додека неговиот брат Адријан Рустемовски се закити со бронзен медал, под стручна подготовка и водство на тренерот Јове Петровски.

На приемот присуствуваа претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски и претседателот на Националната боксерска федерација на Македонија Кристијан Андреевски, кои им честитаа на младите спортисти за постигнатиот резултат и покажаниот професионален пристап.

Од Македонскиот олимписки комитет порачаа дека ваквите резултати се потврда за континуираниот развој на македонскиот бокс и за потенцијалот на младите категории, кои, како што истакнаа, ја градат иднината на овој спорт.

Успесите на браќата Рустемовски се оценети како значаен чекор за афирмација на Битола и Македонија на меѓународната боксерска сцена.