Голем успех за битолски „Заншин До“ – обезбеден пласман на Светското првенство во Полска

од • September 9, 2026 • 0 коментари

Уште еден значаен успех за битолското карате! Карате клубот „Заншин До“ – Битола се враќа со одлични резултати од Купот на Македонија за кадети, јуниори и У21, а најголемата вест е обезбедениот пласман на Светското првенство во Полска.

На натпреварувањето, одржано на 5 и 6 септември во ООУ „Кочо Рацин“ во Петровец, клубот настапи со седум натпреварувачи во седум категории, освојувајќи еден златен, еден сребрен и два бронзени медали, како и четири петти места.

Најголемиот успех го постигна ката тимот во машка кадетско-јуниорска конкуренција, во состав Александар Божиновски, Михаил Марковски и Лазар Китани, кој го освои златниот медал. Со овој резултат младите битолчани обезбедија и пласман на Светското првенство во Полска, каде ќе ги бранат боите на Македонија и Битола.

Успешен настап забележаа и Надалина Талевска, Каја Темелковска и Илина Шобевска во женскиот ката тим, додека до бронзени одличја во јуниорска машка конкуренција стигнаа Михаил Марковски и Александар Божиновски.

Пласман на претстојното Балканско првенство, кое ќе се одржи од 6 до 8 ноември 2026 година, обезбедија Надалина Талевска, Каја Темелковска, Илина Шобевска и Давид Стојчевски.

Тренерот Стевка Јанковска Петковска не го крие задоволството од континуираниот напредок на своите каратисти.

„Горда сум како тренер бидејќи секоја година успесите се сè поголеми. Оваа година очекувам висок пласман на Светското првенство, како и медал од Балканското првенство“, порача Јанковска Петковска.

Со новите медали и обезбедениот настап на светската сцена, КК „Заншин До“ уште еднаш потврдува дека Битола има млади каратисти кои успешно чекорат кон големите меѓународни натпреварувања.

Честитки за натпреварувачите и нивниот тренер!

Babam Bitola

Comments are closed.