Големиот успех на битолчанецот Ален Рустемовски и освоениот европски бронзен медал не е само приказна за еден боксер. Тоа е приказна и за луѓето кои со години стојат зад него, во сала, на тренинг, на патувања, во победите, но уште повеќе во тешките моменти.

Еден од нив е неговиот тренер Јове Петровски Оцо од БК „Пелистерски Јунак“, човек кој одблиску го следи патот на Ален и знае колку труд, жртва и секојдневна борба стојат зад овој резултат.
Во приватна порака до „Бабам Битола“, тренерот емотивно зборува за патот што го поминале:
„Се случија многу работи. Затоа е најтежок спорт боксот, посебно аматерскиот. Секој ден е борба, со подобар и подобар.“
Тој потенцира дека успехот не доаѓа случајно и дека на спортистите кои искрено се трудат треба да им се помогне, наместо некој да им биде пречка.
Особено емотивни се неговите зборови за Ален:
„Нема сомнеж. Посебно Ален – дете за восхит.“
Зад тие неколку зборови стојат години работа и една заедничка надеж – дека ова е само почеток и дека следуваат уште поголеми резултати.
„Сега сме со надеж дека ќе се подобри сè“, порачува тренерот.
🙏 Слава на Бога.
🇲🇰 За Македонија.
☘️ За Битола.
🥊 За Ален Рустемовски и „Пелистерски Јунак“.
Медалот го носи боксерот околу вратот, но зад него стојат многу раце што го кревале кога било најтешко.