Битола дала многу музичари, а меѓу имињата што заслужуваат повторно да ги споменеме е Благој Петров Караѓуле, оперски пејач и интерпретатор на македонската народна песна.

Роден на 16 јануари 1924 година во Битола, Караѓуле станал дел од генерацијата уметници што ја граделе македонската оперска сцена. Во 1949 година дебитирал во Операта при Македонскиот народен театар, со улогата на Маркизот во „Травијата“.
Неговиот баритон ги оживувал Фигаро во „Севилскиот бербер“, Папагено во „Волшебната флејта“ и Ренато во „Бал под маски“. Но, покрај оперските улоги, зад себе оставил и снимки на песни што останале блиски до народот.
Во негова изведба се зачувани „Битола, мој роден крај“, „Сношти поминав, заминав покрај битолските касарни“, „Си заљубив едно моме“, „Мамо кој чука на порти“, „Ах мори Маро, девојче“ и многу други.
Помалку познато е дека Караѓуле ѝ бил вујко на Виолета Томовска и учествувал во нејзиното музичко усовршување. Од 1959 до 1963 година, младата Виолета секојдневно вежбала со него на клавир, учејќи од искуството на својот вујко.
Неговиот живот трагично завршил во скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година. Имал само 39 години.
Денес неговите снимки ни даваат можност повторно да го слушнеме. Еден битолски глас, зачуван во песните и во музичката историја на Македонија.
Извори: „Значајни личности за Битола: култура“, НУУБ „Св. Климент Охридски“, 2010; „Македонска енциклопедија“; Pesna.org.