Пишува Анета Светиева
Испитувањата на постанокот и развојот на македонските семејства, разгледувани како составен дел на етнолошките истражувања во тек на изминатите триесет години теренска и теориска работа, покажа дека скоро да не е можно да се направи некој логичен ред на настаните и сродничките врски, бидејќи некои податоци неповратно се губат како резултат на начинот на запишување на имињата во турската даночна евиденција (дефтерите), потоа војните, иселувања, доселувања, промена на презимиња, надимците, промената на идентитет и редица други контраверзни случувања што се дел од бурната и трагична историја на етничка Македонија. Овие факти го правеа секое истражување недовршено со што се губеа мотивите за натамошно истражување. Во тој контекст се и настаните со познатите битолски семејства Светиеви и Волканови, за кои, со проста споредба на опстанокот на презимињата кон крајот на 19 и од почетокот до крајот на 20-ти век и во нашата современост, може да се заклучи дека семејството Светиеви покажало поголема жилавост во просторот на градот, државата и пошироко, отколку семејството Волканови.
Од семејството Волканови по потекло од село Песочница – Леринско, на почетокот на 20-тиот век, во Битола имало двајца браќа претставници на тогашната интелектуална и револуционерна елита – Костадин Волканов, (1868 – 1927) и Христо Волканов (1874 – 1905).
Постариот брат Костадин Волканов заминал во Пловдив за да се спаси од прогонство после Илинденското востание кога бил суден и затваран. Така дел од лозата на Волканови продолжила да се развива во Бугарија, како резултат на иселувањето. Тој таму направил голема научна и професорска кариера по завршувањето на историско-филолошките студии во Софија. Бил професор и соработник на важни изданија кои се печателе во тоа време во Бугарија, како „Независна Македонија“, „Македонија“, „Илинден“, „Устрем“, а бил член и уредник на изданијата на Македонскиот научен институт. Познавал и зборувал повеќе јазици, како латински, фанцуски, германски и грчки. Негов син бил д-р Владимир Константинов Волканов, роден во Битола (12.02.1902) – починал во Софија (10.01. 1967) кој бил по звање постар соработник во Институт за испитување на почвите „Никола Пушкаров“ во Софија. Втор син на Костадин Волканов бил Александар – Сашо Волканов, роден во Битола 1904- починал во Варна 1971 година. Бил познат научник, доктор на науки од областа на зоологијата и хидробиологијата и академик – член на БАН од 1961 година. Но нивната врска со Македонија можеби постоела во нивните сеќавања но не се познати некои постапки за обновување на сродничките односи после Втората св. Војна, а особено по создавањето на ДФМ во рамки на ФНРЈ. Познато ми е дека во Софија живееше сама една блиска роднина од семејството Волканови, Соња Волканова, професорка по математика. Единствено таа негде на почетокот на 1970-тите години, беше во посета на нашето семејство во Скопје.
Помладиот брат Христо Волканов, познат револуционер, член на ВМРО од тоа време, бил убиен (1905) од Грци или Грковласи на излегување од неговата куќа во Битола, млад на 31 години, скоро оженет. Тој бил професор по математика во Битолската егзархиска гимназија.Станал жртва на осветничките пресметки на Грците кон видните претставници на ВМРО, по Илинденското востание. Организацијата возвратила со иста мерка и ги убила неговите убијци, но тоа не го вратило него во живот. По неговата смрт се породила неговата жена, но неговиот единствен син го наследил неговото име (Христо) но не го добил неговото презиме, а со самото тоа не го пренел презимето
Венчална фотографија на Христо Волканов и Ангелина Топалова, 1905
понатаму на неговото потомство. Како резултат на специфичните настани поврзани со премажувањето на неговата мајка – вдовица за познатиот битолски трговец Тодор Светиева, сите од семејството го носеле презимето Светиеви.
Исто така постојат некои бледи сознанија дека семејството Волканови има сродници во Канада, за кои нема доволно релевантни податоци. Овој факт ми е познат затоа што еден роднина од таа гранка на семејството бил во посета на нашето семејство во Скопје, кога јас сум била на студии, поради здравствени проблеми на неговата ќерка, и тоа е се што ми е познато по кажувањето на мојата мајка бидејќи само таа била дома и го дочекала гостинот.
Дека дел од семеството Волканови се иселиле во Каната добив потврда од г-дин Павле Филипов Васкопулос според кажувањата на неговата мајка, која исто така потекнува од село Песочница, Леринско и ја познавала фамилијата Волканови.
Светиеви биле големо и разгрането семејство во Битола. Претставниците на ова семејство биле и денес се многубројни. На еден или друг начин, сите машки сродници – претставници на семејството што го носеле презимето Светиеви се дел од македонската историја.
Тажење пред погребот на Христо Волканов во Битола, октомври 1905
На погребите на македонските револуционери се собирало градското население и тоа била прилика да се демонстрира незадоволството на населението против турската власт, албанските чети, и грчките чистки.
Архимандрит Евлогиј
На прво место по своето значење за
историјата на семејството Светиеви, поради својот живот и трагичен крај, треба да се истакне Архимандритот Евлогиј (роден во Битола 1878 – 1913), со профано име Спиро Светија, кој се удавил во морските води, кога Грците го фрлиле во Бело море од бродот што носел заробеници кон грчките острови.
Пред Спиро Светија (подоцна Архимандрит Евлогиј), во манастирот „Свети Јован Претеча“ во село Слепче, како покоен бил забележен на подна камена плоча Игумен Светија. Претпоставка е дека семејното презиме Светиеви го добиле токму поради светоста на Игумен Светија и Спиро Светија (Архимандрит Евлогиј), што е многу веројатно ако се познава начинот на именување за време на турскиот период, каде не постоеле презимиња во денешна смисла на зборот, туку кон името на секој маж се додавало името на неговиот татко. Сепак се зачувале и некои други алтернативни идентификациски имиња што спаѓаат во редот на усменото народно именување, како надимците и другите карактеристични и описни додавки за поединци, семејни групи и родови. Од тука произлегува логичната претпоставка дека според неговиот надимак „Светија“ произлегло понатаму презимето на родот Светиеви. Во рамките на ова разгрането семејство, чие презиме е единствено во Македонија, постои и денес семеен култ кон Архимандрит Евлогиј, што се реализира преку заветот на пошироката фамилија редовно една од жените на семејството Светиеви да работи извесно време „за душа“ во манастирот „Свети Јован Претеча“ во демирхисарското село Слепче, каде што некогаш бил заветени Игумен Светија и Архимандрит Евлогиј. Ова сознание го стекнав на терен со нашите студенти по етнологија, при посета на манастирот. Кога прашав за една жена која нешто работеше во црквата, добив одговор дека таа е од семејството Светиеви и работи „за душа“, што е обичај во тоа семејство. Според кажувања во семејството, во самиот манастир било традиција Светијовци фамилијарно и масовно да одат на летен одмор (со пајтони).
Хронолошки втор значаен претставник на семејството Светиеви, бил Тодор Светиев – (ок. 1880 – ок. 1946), познат трговец и патриот во првата четвртина на 20-ти век. Тој бил централна личност околу кој се развило семејството Светиеви за кое станува збор во овој прилог. За уточнување на сите критични податоци за конкретното семејство Светиеви, важна улога има неговиот внук и мој прв братучед Тодор Светиев, кој добро ги знае семејните работи и покажа спремност да ми ги пренесе, според документи, кажувања и лични сознанија.
Тодор Светиев бил оженет и имал семејство, но жената му починала при породување. Од првиот брак имал еден син и една ќерка. Синот бил познатиот битолски и македонски лекар и патриот Борис Светиев (1903 – 1986), кој во сите режими бил суден или лежел по затвори заради Македонија, а на старост бил „казнет“ од новата македонска држава да преживува со бедна пензија. Тој немал машки наследник. Неговите две ќерки – Лили (лекарка, покојна) и Павлина (фармацевт), која денес живее во Љубљана, Словенија), имаат потомство, но нивните деца ги носат презимињата на нивните татковци.
Ќерката на Тодор Светиев од првиот брак се вика Викторија. Taa била мажена во Прилеп и има три ќерки: Јелица (професор по биологија во битолската гимназија-почината), Веска (лекар во Битола), Летка (стоматолог –живее во Белград)
Вториот брак на трговецот Тодор Светиев бил склучен со Ангелина Топал (ок. 1886 – ок. 1954) од Битола, по потекло од Пешкопеја, доселени во Дебар – потоа во Битола, вдовица на убиениот Христо Светиев. Иницијатори на оваа брачна врска биле браќата на Ангелина, од родот Топаловци.
Во бракот се соединиле донесените деца од првите бракови на сопружниците. Трговецот Тодор Светиев создал ново потомство и во вториот брак: синовите Стефан (1911 – 1946) и Методија (1920 – 1996) и ќерката Христина (род. 1914) која млада починала. Синот Стефан Светиев, бил познат битолски правник – адвокат и голем патриот. Политички бил ориентиран со сите сили да се стреми и да помага во обединувањето на разделените делови на Македонија, како почетна позиција, а за натамошното уредување сеуште било многу далеку и несигурно да се планира. Со основањето на новата македонска држава ДФМ, бил затворен и измачуван поради своите политички ставови. Според инсајдерски информации од тогашни вработени чувари во затворот, бил најпрво убиен, а потоа обесен. Останатите членови од семејството на Стефан Светиев, биле известени само дека тој се самоубил со бесење. Тој имал еден син, Љупчо Светиев (1944 – 1997) кој починал многу млад во Битола од тешка болест.
Вториот син на Тодор во бракот со Ангелина – Методија Светиев, бил надарен со необично богат музички талент и знаел да свири скоро на сите инструменти – пијано, виолина, гитара итн. Тој предаваше музика (виолина) во Битолското средно музичко училиште. Иако не бил толку занесен по политиката, сепак и тој одлежал пет години затвор затоа што на прашањето на тогашните „загрижени“ доушници на власта „каква Македонија посакува“, одговорил дека посакува „целокупна и неподелена Македонија“, што бил неостварен сон на секој чесен и вистински патриот во тоа време.
Фотографија на Тодор Светиев и Ангелина Топал
Проширеното семејството на Тодор и Ангелина Светиеви
Во горниот ред од лево кон десно: Викиторија, Христо, Борис, Стефан. В
о долниот ред, од лево кон десно: Ангелина го држи Методи и Тодор ја држи Христина.
Наследник на Методија е неговиот син единец Тодор Светиев (кој го продолжи името не неговиот дедо). Тодор Светиев е еден од најпознатите современи македонски пијанисти и професори по пијано на Факултетот за музички уметности во Скопје. За неговите концерти и награди во замјата и во странство, постојат бројни податоци на интернет. Неговите наследници се синот Борис Светиев (кој го наследи името на неговиот стрико Борис Светиев кој немаше машки наследник) и ќерката Kристина Светиева (која го наследи името на нејзината тетка Христина Светиева, која починала како мома за мажење, од тогашната фатална болест, туберкулоза). Децата на Тодор Светиев по презиме и професија се негови вистински наследници во областа на пијаното, композиторското творештво и воопшто во музичката уметност.
До крајот на својот живот Тодор Светиев се борел за подобар живот на своето старо/ново семејство. Постојат кажувања во семејството како неколку пати банкнотирал со трговијата во тешките и кризни времиња, но поново се издигал како „феникс“ и никогаш не доволил да се откаже од работата и борбата за семејството.
Презимето на битолскиот трговец Тодор Светиев го носел уште едeн маж во семејството – Христо Светиев, кој не бил негов роден син, туку бил донесен син на Ангелина од неговиот биолошки татко, убиениот Христо Волканов професор по математика по потекло од с. Песочница, Леринско. Тој се родил неколку месеци по убиството на Христо Волканов, како што стои во неговата црковна крштеница. Нешто подоцна, кога неговата мајка Ангелина браќата ја омажиле како втора жена на трговецот Тодор Светиев, таа донела одлука нејзината прва рожба, синот Христо (кој бил крстен со истото име како и неговиот покоен татко), и имал три години, да го носи истото семејно презиме за да не се делат децата во фамилијата.
Христо Светиев бил роден во Битола 1906, а починал 1985 во Скопје. По професија бил инженер технолог, со диплома издадена во Универзитетот на науки во КАН, Франција, во 1930 година. Доследно ги следел политичките стапки на неговиот покоен татко Христо Волканов и уште како млад поседувал богата библиотека и бил член на ММТРО (Македонска младинска тајна револуционерна организација). Тој имал бурен живот со искачувања во политичката и професионалната кариера, како и со тешки падови и разочарувања. Имал три најголеми љубови и опсесии: неговот татко кој не го запознал, Битола и Македонија. Имаше обичај да каже дека Македонија бездушно била поделена „како торта“. Како и сите вистински патриоти од тоа време, до крајот на животот страдаше заради несреќната судбина на поделената Македонија – татковината на Македонците, од кои огромен број заминале во други земји и континенти.
Лево Христо Светиев како студент на Високата техничка школа во Загреб, 1925/26
Десно Христо Светиев како службеник во Белград на Царина и во главната хемиска лабораторија, 1932 – 1941.
По капитулацијата на тогашна Југославија, се вратил во Битола. Бил назначен најпрво за помошник кмет на градот (1942-43) а потоа за кмет на Општината Битола (1943-1944). Се оженил со Нада Јажева во 1943. Бил затворен од органите на ОЗНА во Битола во ноември 1944 и осуден во 1945 од војниот суд на пет години затвор во Идризово. Бил оптужен за соработка со окупаторот, но во неговата пресуда не постои ниту еден доказ за било какво направено дело во таа смисла. Бил ослободен во декември 1949. Со Решение на Министрството за индустрија бил назначен за индустриски инженер во Институтот за индустриски истражувања во Скопје, што значело и преселување на семејството во Скопје. Потоа напредувал во струката и бил еден од задолжените лица за профилот и реализацијата на „Југохром“ и понатаму технички директор на фабриката. Подоцна бил директор на „Техногас“ и конечно советник во стопанската комора на Македонија. Заминувањето во пензија било повод за уште едно големо разочарување бидејќи и покрај неговата пожртвувана работа, му била пресметана ниска пензија и не му биле признати годините што ги поминал на работа пред Втората св. Војна во Белград. Иако го носел презимето Светиев, тој страдал по неговиот вистински татко и одлучил на гробот да биде идентификуван со двете презимиња: Христо Светиев, роден Волканов. Преку неговата жена, Нада (мојата мајка), тој ми оставил аманет, да го пренесам во Битола и да го закопам во гробот на неговиот биолошки татко. Претходно тој беше закопан на скопските гробишта „Бутел“ и беше многу сложена процедура да се пренесе во друг град и на друго (старо и заштитено) гробно место. Сепак успеав да му ја исполнам неговата последна желба да биде заедно со неговиот татко, во ист гроб. Христо Светиев оставил двајца наследници: синот Томислав Светиев и мене – ќерката Анета Светиева.
Јас, Анета Светиева сум родена во Битола во декември 1944 и од петгодишна возраст живеам во Скопје. Студирав вајарство во Белград на Академијата за ликовна уметност. Како студентка добив три студентски награди. Бев избрана од професорите да студирам постдипломски студии и во тој период добив професионална награда на УЛУС, за 1970 година. После десет години поминати во Белград, заради лични причини се вратив во Скопје, во 1973 година. Долго време бев без работа бидејќи во тоа време партијата на власт имаше донесено Закон за подобност, а јас не бев член на партија. Од 1979 година до 1990 работев во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, во Одделот за народна орнаментика. Од тука пријавив докторска теза во Белград, на Филозофскиот факултет – Оддел за етнологија. Во 1988 година, се здобив со звање доктор на етнолошки науки. Понатаму мојата кариера е поврзана со ПМФ на УКИМ и Заводот за етнологија (од 2005 Институт за етнологија и антропологија). Тука ги поминав сите звања од доцент до редовен професор. Сега сум во пензија. Паралелно со професорската и научната кариера редовно работев на скулптурата во моето атеље. Учествував на сите најважни изложби во тогашна СФРЈ и бев вклучувана од страна на уметничките критичари во многу важни изложби во странство. За тие факти зборува мојата уметничка библиографија. До денес поранешната југословенска критика, како и поновите генерации, во предговорите на каталозите од разни ликовни случувања ме рангираат во врвот на југословенската скулптура на 20-ти век. Во 1997 ја претставував Македонија на Биеналето во Венеција за што добив многу позитивни критики. По осамостојувањето на Македонија, мојата кариера течеше нормално до 1997 и забавено до 2003. Во следниот за мене разочарувачки период, се сетив дека одамна уште додека бев на студии, моја блиска пријателка ми го соопшти мислењето на нејзиниот татко (академик Александар Христов, на времето тужител во случајот на татко ми), дека јас тешко ќе направам кариера во Македонија со моето презиме (Светиева). На тој став ме потсети новата реалност по осамостојувањето на Македонија. Но и покрај таа реалност на завист и потценување, никогаш не го променив презимето и се гордеам со него.
Мислам дека поводот за таа негација беше што јас останав доследна на својот став да не бидам член на ниту една партија. Интимно, тоа беше совет од татко ми дека Македонија и Балканот не се погодни за бавење со политика, бидејќи тука луѓето се казнуваат за мислење и без конкретни дела. Од друга страна, ни јас самата не можев себе да се замислам како член на некоја наша партија.
Јас имам два сина: Андреј, роден во Скопје 1973 и Матодиј роден во Скопје 1975. Андреј работи како конзерватор на икони, фрески, и сл., во Централниот национален конзерваторски центар во Скопје, а се бави и со музика. Методи заврши студии на Факултетот во Њу Орлеанс – Колеџ за бизнис администрација, во САД. Исто така зарши постдипломски студии и одбрани теза на ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерски инженеринг) во Скопје. Работи повремено во неколку странични дејности и до денес не успеа да добие пристојна работа бидејќи, според нашата реалност, за жал, нема партиска книшка.
Томислав Светиев (1951 – 2007) беше мој обожаван брат, шест години помлад од мене. Беше наследник на нашиот татко во професијата како инженер технолог. Тој во 1990 замина со семејството во Австралија, Сиднеј, разочаран од неговиот третман во „Охис“, и воопшто од состојбите на сиромаштија и политички третман на луѓето во Македонија, без оглед на нивната вистинска вредност, знаење и потенцијал. После тешкиот почеток во туѓата земја, успеа да направи одлична кариера и да си обезбеди високо место во америчката институција во која работел, за што сведочи наградата „Том Светиев“ што се доделува на млади надежни кадри. Томислав Светиев почина по кратко и тешко боледување во Сиднеј, на 04 ноември 2007 година. Томислав Светиев остави син и ќерка: Јане Светиев кој е доктор на правни науки и живее во странство, во САД и Европа и неколку пати ја променил државата и живеалиштето. Ќерката Елена Светиева, е доктор на социолошки науки, живее во САД. Во денешно време сите овие информации за нивните кариери се достапни на интенет како јавна и достапна социјална мрежа.
Презимето Светиеви го носеле и денес го носат многу познати битолчани и лица од други градови. Александар Светиев бил прогресивен интелектуалец од Битола и учесник во Втората светска војна, инвалид кој едната нога ја изгубил во војната. За жал, наместо признание за неговата жртва, подоцна поради политичка неистомисленост било суден од новата народна власт и испратен казната да ја издржува во злогласниот комунистички затвор на Голи Оток. Во битолската чаршија бил познат и почитуван занаетчија абаџија, Димитар Светиев (брат на Александар). Познат и почитуван бил Христо Светиев кој завршил богословски факултет и од таму владеел руски и латински јазик. Тој бил професор по латински и руски јазик во битолската гимназија. Негов син беше Владимир Светиев – познат македонски актер. Синот на Владимир, Кристијан Светиев исто така е актер.
Никола Светиев (1930-2015) – работел во Службата за државна безбедност на РМ. Негови наследници се синот Љупчо Светиев – правник во Скопје, и ќерката Марија Светиева-ликовен уметник во Скопје. Негов татко бил Васил Светија кој како дете бил курир на оснивачката ВМРО а подоцна станал прочуен трговец со ткаенини на релација Битола – Венеција.
За семејството Светиеви, постои еден родослов изработен од д-р Ристо Лозановски (1925 Битола – 2011 Скопје) − македонски агроном, професор на Земјоделскиот факултет и академик на МАНУ, кој пораснал во едно семејство од Светијовци. Во родословот се вклучени голем број семејства од родот Светијовци, за кои ние немаме доволно релевантни податоци. Самиот родослов е конципиран на невообичаен начин, различно од интернационалниот концепт што се применува во етнологијата/антропологијата. Освен тоа не е доследно и по ист принцип истражено секое семејство, па во таа смисла изостануваат некои податоци. Посебно недостасуваат податоците за родени – починати. Инцидентно се констатирани и грешки. Од тие причини, родословот во оваа прилика ќе биде изоставен, се додека не бидат расчистени критичните места.
Од изнесените податоци за една гранка од семејството Светиеви каде централна личност е битолскиот трговец Тодор Светиев и неговите два брака, по хоризонтала – лево и десно со нивните директни наследници и нивните потомци се до страничните (колатерални) сродници. Од податоците за животот на ова семејство може да се заклучи дека тие биле дел од општествениот живот во Битола и Македонија од крајот на 19-ти до скоро до средина на 20-ти век. Бурните настани и војни директно влијаеле врз животот на луѓето но и луѓето на свој начин влијаеле врз општествените случувања. Од денешна гледна точка веднаш после Втората светска војна, настрадале многу луѓе кои живееле во претходниот период и различно гледале на развојот на настаните поради различните можности за опстанокот на Македонија што неодговорно се нуделе од сите страни, вклучувајќи ја и тогашна германска идејна варијанта што денес им е добро позната на историчарите. Но победниците од партизанското движење биле основа на новото македонско општество и тие во тоа време немале никакво разбирање за претходните опции за Македонија и настојувале „по кратка постапка“ да расчистат со минатото. Податоците за семејствата Светиеви и Волканови сликовито зборуваат за овие факти, како некогашните вистински патриоти, неправедно завршувале како „непријатели“ или „противници“ на новото македонско општество. Доколку ни се познати слични податоци за другите балкански држави, можеме да констатираме дека со поголема ширина и толеранција биле прифатени пред се интелектуалците, како поранешните, така и новите што произлегле од партизанското движење, за разлика од состојбата во Македонија, каде предвоените интелектуалци биле истребувани, па дури и посмртно судени, како што покажува еден документ од Врховниот воен суд во Белград, каде за еден случај (конкретно за адвокатот Стефан Светиев), ги подучуваат македонските судови дека на мртов човек не може да му се суди.