Некои битолчани направиле многу во нивниот живот за што и оставиле големи траги позади нив, а ние како битолчани се гордееме и сме должни да ги споменуваме. Еден од нив е легендата на југословенскиот и српскиот фудбал, име кое силно ’одзвонуваше’ насекаде ширум просторите на поранешна Југославија, битолчанецот Милан Миљаниќ. 

Роден на 4 мај 1930 година во Битола каде го помина своето детство често тоа нагласувајќи го како еден од најубавите негови периоди во животот. Неговото семејство потекнува од Никшиќ, во Црна Гора. Играчката фудбалска кариера ја започна во Србија. Неговата вистинска фудбалска промоција ја доживува откако навлегува во тренерските води. Во речиси 20-годишната тренерска кариера, во три наврати беше селектор на СФРЈ, 1965/66, 1973/74 и 1979/82. Во периодот од 1966 до 1974 година бил тренер на Црвена Звезда, а запазена улога имаше и на клупата на кралскиот клуб Реал Мадрид со кој тим во периодот од 1974 до 1977 година освои две шампионски титули и еден Куп на Шпанија.

Беше претседател и на Фудбалскиот сојуз на Југославија веднаш по распаѓањето на старата држава, од 1992 до 2001 година. Награден е и со орден за заслуги од ФИФА и УЕФА.

Почина во Белград на 13.01.2012 г  на 81-годишна возраст како последица на Алцхајмеровата болест со која долго се бореше. На неговиот погреб како негова последна желба беше засвирена “Битола мој роден крај”, неговата длабоко врежана песна од едно убаво детство и прекрасно родно место, песна со која величенствено беше испратен големиот наш великан достоен за почит, битолчанецот Милан Миљаниќ …

 Материјали користени од веб портал Екипа, весник Гардијан и раскажувања на Маргарита Ефтимиу Робе

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here