РК Еурофарм Пелистер запиша голема и значајна победа против данскиот тим Алборг, совладувајќи го фаворитот со минимални 24:23 во неизвесен и драматичен натпревар.

Битолскиот состав уште еднаш покажа карактер, тимска игра и победнички дух, одигрувајќи дисциплинирано во текот на сите 60 минути. Избраниците на тренерскиот тандем Мемиќ и Митревски одиграа цврсто во одбраната и трпеливо во нападот, што на крајот резултираше со заслужен триумф.
Клучна улога во победата имаше голманот Јован Мацанковски, кој со неколку брилијантни интервенции во завршницата го задржа водството на Пелистер и сосема заслужено беше прогласен за најкорисен играч на натпреварот од страна на ЕХФ.

Најефикасен во редовите на Пелистер беше Андреј Георгиев со 12 постигнати голови, додека Јован Симоновски додаде 5. По два гола реализираа Павел Велјановски, Тео Спировски и Стефан Василевски, а еднаш во листата на стрелци се запиша и Горазд Мијалчев.
Оваа победа претставува уште една потврда за квалитетот и потенцијалот на битолскиот тим, кој со срце и борбеност успева да се наметне и против најсилните европски противници.

Битола уште еднаш покажа дека стои зад својот клуб, а Пелистер возврати со игра достојна за аплауз.

