Не секој симбол ја носи својата порака на прв поглед. Но, глуварчето, избрано како визуелен мотив на 56. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, крие длабока симболика – семињата што ветерот ги носи далеку повторно пуштаат корен, исто како што традицијата се пренесува од генерација на генерација.
Токму таа идеја е доловена во фотографијата на Љупка Стефановска – етнокореолог, кореограф и долгогодишен стручен соработник на фестивалот.Со својата долгогодишна научна, истражувачка и педагошка работа, Стефановска е една од личностите што континуирано придонесуваат за зачувување, проучување и афирмација на македонското традиционално наследство. Преку стручните семинари, истражувањата, сценските поставки и фестивалските програми, таа активно работи традицијата да продолжи да живее и кај новите генерации.Нејзината улога на „Илинденски денови“ не е ограничена само на сцената. Таа е дел од процесот што стои зад фестивалот – од истражувањето и едукацијата до создавањето содржини што ја чуваат автентичноста на македонскиот фолклор.Затоа, во нејзините раце глуварчето не е само цвет. Тоа е симбол на наследството што се пренесува, расте и продолжува да живее, исто како традицијата што „Илинденски денови“ ја негува повеќе од пет и пол децении.
