Колата Стојан ја натовари со покуќнина:еден сандак, дрвен кревет, кумбе, долап, софра, три столчиња и друго. Над сандакот покриен со волнени веленца седеше напред Паца облечена во селски алишта и малиот Пецо во скутот. До неа беа Ленчето и Тоде. Стојан го фати коњот за узда и мавна за последен поздрав на луѓето. Колата со коњот тргна на неговиот извик
– „Напред, биро!“. Паца се насолзи, й дојде жал што се одделува од роднините и комшиите. И беше тешко што го остави куќарчето во кое проживеаја среќни денови со Стојан. И таа со децата им мавна со шамивчето на сите, а децата извикуваа:
– Догледање, баба Цвето. Догледање чичковци!
Дојдете на гости кај нас. Паца се прекрсти ,Господи поможи ни со Стојан и дечињата да бидеме среќни и во новата куќа”. По целиот пат децата џагореа, а песот Шарко трчаше по колата и весело лаеше. Патот беше долг. На џадето како да му немаше крај. Од двете страни на џадето се редеа ниви црници и тука таму скриено во полите на ридовите по некое село. Нивите беа омеѓени со по некое дрвце или топола. Кога наближија до црквата Св. Недела и гробиштата знаеја дека веќе навлегуваат во градот. Од двете страни на улиците беа наредени убави куќи со железни балкони, дуќани преполни со стока.
Децата беа многу изненадени од она што го гледаа. Често извикуваа. Тука луѓето беа поинаку облечени. Жените со долги фустани, со капели на главата, чадорчиња в раце. Луѓето имаа сосем поинакви алишта од нивните. На пајтони се возеа не само граѓаните ами и побогатите Турци облечени во богати алишта украсени со срма. Паца мораше често да ги кара и смирува децата изненадени од она што го гледаа. Колата нивна се тркалаше полека и тандркаше. Шарко трчаше де пред нив де зад нив и повремено ќе залаеше. Го поминаа големиот железен мост. Под него река Драгор беше надојдена од есенските поројни дождови со матни и пенливи води што дотекуваа од Пелистер. Шумеа и бучеа како да му се закануваа на градот да го преплават. Високото корито направено од камен не й даваше на рекате да излезе. Таа налутено брзаше надолу и се ширеше в поле. На левиот брег на реката прудолу од мостот се наоѓаше новата населба Јенимаале.
Таа беше населена од новодојденото селско население. Куќите им беа поврзани преку дворовите со мали вратнички и преку нив можеше да се најдеш од едниот до другиот крај во населбата. Луѓето си помагаа во тие лоши времиња, се заштитуваа и меѓусебно добро живееја. Стојан продолжи со колата преку мостот и навлезе во маалото Чифте Фурни. Ова маало го добило името по двете фурни во кои се печеше леб, тави, зелници. Најпосле, по долго патување стигнаа во уличката кај црквичето Св. Петка. Пред нивната куќа ги пречекаа десетина мажи и жени, нивните комшии.
– Добре ни дојдовте! – им посакаа гласно и им помогнаа да се растоварат.
Како прво се запознаа со комшивката Доста, која живееше до нивната куќарка. Таа беше лична калеша жена. Нејзиниот маж Ристе работеше како фурнаџија. Им пријде и Бисера, русокосата невеста во градски алишта. Й подаде рака на Паца и й рече дека мажот и Митре е кујунџија и дека ќе им помогне во прво време додека се снајдат со пари или друго што им треба.
– Не срамете се! Секогаш кога нешто ќе ви притреба јас сум тука, седам во куќата откаршија. Најблиска комшивка ви сум.
Паца и Стојан беа изненадени од убавите зборови со кои беа пречекани. Мило им беше дека сретнаа добри луѓе. И другите им пријдуваа и нудеа секаква помош.
Касапот Веле, чија жена се викаше Анѓа, вети дека ќе му помогне на Стојан да најде работа во чаршијата. Тука беа Анѓеле и Бона, Софија и Борис берберот, вдовицата Лена со синот Ѓорѓи и четиригодишното ќеркиче Кате. Сите им помагаа и сите им ветија ако им затреба нешто дека тие ќе им се најдат со тоа што можат.
Вечерта се собраа на кафемуабет кај Стојан за да се запознаат подобро. Во разговорот за ова или за она, дали има работа, што е најдобро да се работи, се разговараше и за децата дека треба да одат на училиште, дека зимата е на прагот и каква ќе биде, за скапотијата, каде се продава најефтино брашно, газија… и др. Откако малку поседија Стојан ги испрати до порта па й рече на домаќинката: Венера Пацо, што велиш, нема да ни биде лошо овде. Гледам дека не само жените ами и мажите се не само добри луѓе и туку добри домаќини.
Стојане, комшијата може да ти се најде повеќе и од роднината. Сполај му нему, комшии. е ни се арни луѓе. Вечерта послаа рогузина наземи покриени со веленца.
Непознат извор