Сунху (Алегра или Гита) била средношколка кога започнала војната и во нејзината книга Мишлоах Манот го раскажува нејзиниот живот и животот на целата еврејска заедница во Битола –Монастир кој бил прекинат кога бугарската окупаторска војска ја презеле власта во Македонија во 1941 година. Во Битола таа живеела со нејзината фамилија и тоа: татко Моше – Моис Шами, мајка Сара од фамилијата Леви, браќа Шабитаи – Шарло, Аврахам–Алберто и Јосеф Пепо.

Куќата во која живееја, Св. Нектариј Битолски

Семејството Шами имало текстилен дуќан наречен „Браќа Шами“ лоциран во трговскиот комплекс Безистен со бр. 10. Во истиот комплекс дуќани имале и семејствата на Русо Израел и Хаим Аргаз. Текстилната роба била од увоз, а Моше Шами кој бил роден во Солун и имал и грчко државјанство, претежно патувал во Хрватска и ја набавувал од пограничните места на границата со Австрија кои биле познати по нивниот одличен квалитет на текстил, исто така и од Солун и други места во Грција.

Од десно кон лево, Рахамим, до него Ракула, неговата жена, горе Моше со сопругата Сара (долу) и децата Шарло и Гита, десно на крајот Ернеста, сестра на Моше и Рахамим

Рахамин Шами и неговата жена Ракула немале деца. Тој доста помагал во дуќанот за текстил, но преокупација му била земјоделието. Одгледувал дињи, лубеници и пченка во околните ниви на Битола. За помош ги земал сите негови внуци кои среќни и натоварени се враќале во нивните домови. Од тогашниот живот во Битола, Гита раскажува:

„Еднаш неделно, ние, мајка ми и браќата го земавме тато од продавницата и шетавме по шеталиштето на реката Драгор. Родителите пиеја ладно пиво, а ние децата уживавме со шампити. Секој што пораснал во Битола – Монастир до избувнувањето на Втората светска војна, не може да ги заборави летните излети во одморалиштето Шералти (во околината на Битола, непозната локација под Пелистер). Мајките ја подготвуваа вкусната храна, бурек (полнето печиво) и хаминадос (варени јајца), домашни црни маслинки, пржено говедско пире со сок од домати со ориз, полнети пиперки, модар патлиџан и пржена риба, и секако домати и свежи краставици за салати. Со кочија, пајтон, по груб пат патувавме до студениот извор каде водата течеше во пазувите на планината Пелистер каде ги стававме лубениците да се ладат.“

Фамилија Шами пред нивната куќа наспроти долниот дел од пазарот

Попладнето на 10 март 1943 година, главата на фамилијата Шами – Моше, имаше средба со тогашниот водач на битолските Евреи, Леон Камхи, кој беше и нивен прв сосед. Од него дознав дека сите Евреи ќе бидат одведени и дека треба што побрзо да се организираат во група и да избегаат. Вечерта била организирана група од седум момчиња и две девојчиња, на чело со Самуел – Симо Калдерон, главен на Хашомер Хацаир.

По повеќекратни тешкотии, тие со помош на жител од локалното погранично население ја преминале границата со Грција и пристигнале во Костур, Грција. Некои членови од групата им се придружиле на партизаните меѓу кои бил и Симо Калдерон. Но, Гита и нејзиниот брат останале во Костур кај нивната тетка.

По капитулацијата на Италија, германската војска ја презела територијата на Грција и на 23 март 1944 год. ги собрале сите Евреи на подрачјето на грчките градови меѓу кои бил Костур и оттаму преку Солун со транспортни вагони биле одведени до Аушвиц од каде Гита преживеала. Нејзиниот брат Шарло, за жал починал од тифус и прегладнетост три дена по ослободувањето на логорот. Неговата хармоника ја чувал негов другар, битолчанец и таа ѝ била предадена на Гита при нејзиното враќање во Битола. Денес хармониката е дел од поставката изложена во музејот „Јад Вашем“ во Ерусалим.

Гита во 1945 год. повторно се среќава со Симо Калдерон во Битола. Во 1946 год. склопуваат брак и во 1948 год. заминуваат во Израел заедно со нејзината петмесечна ќерка Сарале. Таа била наречена по името на мајката на Гита, Сара Леви Шами која била убиена во логорот во Треблинка. Таа е првото еврејско дете родено во Битола по Војната.

Гита со Сарале Фамилија Шами Калдерон во Израел

На 11 март 2018 година, Сарале Гутман Шами, ќерката на Гита и Симо Калдерон, со нејзиното потесно семејство пристигнаа во Битола, некогашен Монастир, Македонија.

Зоран Ѓоргиев „Траги од еврејското наследство во Битола 1“ достапна во НУУБ Битола (Библиотека) и книжара Book House лоцирана до стара Општина или кафе бар Општина.