Една од најзначајните образовни институции во Битола, гимназијата „Јосип Броз Тито“, има длабоки корени што се протегаат повеќе од еден век наназад и ја прават вистински симбол на образованието во градот.

Историјата на гимназијата започнува во 1892 година, кога била формирана како нижа гимназија. Објектот во кој била сместена тогаш не бил училиште, туку беговска куќа – резиденција на Сали паша, што сведочи за неговото првобитно значење и статус во османлискиот период.
Со текот на времето, оваа беговска куќа добива сосема нова улога, станува место каде се образуваат генерации ученици од целиот Битолски вилает. Во рамки на училиштето функционирал и интернат, што дополнително го потврдува значењето што гимназијата го имала уште од своите почетоци.
По Втората светска војна, гимназијата добива историска улога во развојот на македонското образование. На 6 февруари 1945 година токму тука започнува наставата на современ македонски јазик, што ја прави една од првите гимназии во ослободена Македонија со настава на мајчин јазик.
Во тој период училиштето го носело името „Гоце Делчев“, симболично поврзувајќи го образованието со националната борба и идеалите. Подоцна, во 1952 година, го добива името „Јосип Броз Тито“, кое го носи и денес.
Низ децениите, гимназијата прераснала во еден од најважните столбови на образованието во Македонија. Од нејзините клупи излегле бројни интелектуалци, научници, уметници и јавни личности.
Денес, зградата на гимназијата не е само училиште, туку и жив сведок на историјата на Битола. од беговска куќа, преку „Гоце Делчев“, до „Ј.Б. Тито“.
