Поточно речено, генимаалските јазови што ја носеле водата од реката Драгор за потребите на Генимаале и за Градско Поле, но попатно служеле и за пет воденици, единствената влачарница, табаната и млинот на Ташку.
Првиот јаз
Првиот јаз го започнувал својот тек подолу од Рибарницата. Тој минувал подземно, пресекувајќи дел од старата чаршија, сè до излегувањето на отворено кај куќата на Кокаровци, од каде продолжувал кон исток и повторно се влевал во својата матична река – Драгор.
Во близина на куќата на Кокаровци имало низок мост без странични огради. Мостот им служел на пазарџиите што со свои производи доаѓале на битолскиот пазар. Не бил колски мост, но преку него поминувале пешаци и коњи натоварени со стока.
Попатно, јазот најпрво стигнувал до единствената воденица во близина на стариот Ат Пазар и Прилепскиот ан, сопственост на Никола Беделовски, со два воденички камења.
По околу триста метри, покрај Еврејското Маало, јазот стигнувал до единствената влачарница, сместена на границата меѓу Генимаале и маалото Бела Чешма. Од таму, по уште пет-шестстотини метри, водата стигнувала до единствената табана.
Пред повторното влевање во реката Драгор, јазот минувал и покрај единствениот млин од тоа далечно минато, сопственост на Ташку (презимето непознато).
Вториот јаз
Вториот јаз го започнувал својот тек подолу од железниот мост „Кај Мојсо“, а погоре од „Мостот кај Сали“. Со своето подземно течение минувал подолу од Облаковскиот ан, продолжувајќи под земја сè до куќите на Данаил Бакало и Мендо Параманец, каде што повторно излегувал на површината.
Подолу од Облаковскиот ан, каде што јазот го пресекувал Прилепското џаде, меѓу крчмата на Симе и фурната на Киро, постоела голема шахта од која се делела вода за генимаалската канализација (геризи).
Понатаму, јазот продолжувал подземно по денешната улица „Цветан Димов“, а по стотина метри го менувал правецот лево по улицата „Браќа Миладиновци“. По педесетина метри стигнувал до воденицата на Раде на Севда, сместена меѓу куќите на Чекутка, Данаил Бакало и Мендо Параманец.
Од таму, течението подземно ја пресекувало улицата „Гоце Делчев“, за по десетина метри повторно да излезе на отворено. Потоа, редум, наидувало на:
- воденицата на Иљо Пуста
- воденицата на Ристо Стефановски, дедо на Ѓорѓи и Кире,
- и како последна – воденицата на Трпе Мариовецот.
Од вториот јаз работеле четири воденици – на Раде, на Иљо Пуста, на Ѓорѓи и Кире и најдолната на Трпе Мариовецот. Сите имале по два воденички камења.
Најмногу се мелело во есен и зима, кога имало доволно вода. Кога немало доволно работа, водениците работеле со еден камен. Речиси сите воденичари биле и бавчанџии и нивјари.
За изградбата и маката
Не постои точен податок кога се направени јазовите. Според кажувањата на предците, тие биле градени уште во турско време, при крајот на XIX век.
Градбата била специфична, особено на деловите каде што каналите биле подземни, минувајќи под објекти во старата чаршија и под денешните улици. Жуборењето на водата често го слушале дуќанџиите и жителите на Генимаале – морале да се навикнат.
Но, не течело секогаш „мед и млеко“. При надоаѓање на силни води, огради за зафаќање на водата – примитивно направени од камења, гранки и плет – често се рушеле. Отворите се затрупувале со песок и ѓубре, па нивјарите, бавчанџиите и воденичарите ги засукувале ракавите, облекувале високи гумени чизми и заеднички ги санирале штетите.
Извадок од книгата на Методија Христовски ,,Гинимаале”





