На 04.02.2026 година, во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“ – Битола, се одржа втората креативна работилница од проектот „Прочитај ја љубовта“, која повторно ја истакна креативноста и уметничкиот потенцијал на учениците од графичката струка.

Во работилницата учествуваа ученици од прва до четврта година, заедно со еден образовен асистент, под менторство на професорките Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова и Катерина Спасовска-Маурдева. Учениците изработија палета на креативни производи од областа „Преработка на хартија“, инспирирани од темите книга, љубов и вино.

Работилницата, симболично насловена „Грозд од мисли, напоен со знаење“, претставува заедничко креативно дело како резултат на инспирацијата, трудот и размислувањата на младите автори. Преку симболиката на книгата како извор на знаење и гроздот како плод на идеи, учениците ги преточија своите лични пораки и емоции поврзани со љубовта, читањето и уметничкото творештво. Секое „зрно“ во делото носи индивидуална мисла, создадена со искрена посветеност и љубов кон уметноста.

Проектот „Прочитај ја љубовта“ уште еднаш покажа дека знаењето расте кога се споделува и кога на младите им се дава простор слободно и креативно да се изразат, создавајќи дела со силна порака и трајна вредност.









