Вечерва во 19:00 часот во Офицерскиот дом во Битола, Државниот архив – Одделение Битола одржа завршен настан со изложба со кој ќе се одбележи успешното завршување на проектот за дигитализација на творештвото на браќата Манаки кое се чува во нашиот архив.
Во изминатите две години тим од 10 архивисти од битолскиот архив успешно работеше на дигитализација на фотографското творештво на браќата Манаки, кое се чува во битолскиот архив, преку проект поддржан од Британската библиотека и фондацијата Аркадија. Проектот имаше неколку важни цели кои во целост се исполнија.
Прво, целосната дигитализација на средениот и обработен материјал од фондот на браќата Манаки значи и заштита на оригиналниот материјал. Тргнувајќи од фактот што овој фонд е најистражуван, честото манипулирање со оригиналите значеше и нивно дополнително оштетување. Сега, имајќи сè во електронска верзија, дополнето со фактот што по дигитализацијата целокупниот материјал беше препакуван во РН неутрални обвивки и сместен во метални ормари и фиокари, можеме да бидеме сигурни дека фондот има многу подобра заштита од претходно во депото на битолскиот архив. Проектот произведе и стручни и професионални кадри, кои пребродувајќи ги предизвиците за заштита и дигитализација на вака значаен и разновиден материјал стекнаа искуства со кои во иднина
ќе можат успешно да реализираат уште вакви работни задачи.
Битолскиот архив стана опремен со професионална опрема за дигитализација на архивски материјал. Но, можеби најважна од сите зацртани цели е тоа што дигиталните копии од скенираниот архивски
материјал ќе станат достапни на платформата на Британската библиотека. Со тоа ја исполнуваме желбата на Милтон материјалот да биде достапен за јавноста.
За време на настанот пригоден збор дадоа Градоначалникот на Битола Др. Тони Коњановски, Наташа Котлар Директор на Државен Архив на Република Македонија и Гоце Стојановски Директор на Државен Архив Одделение Битола.