Денес почитувани, Ви претставуваме еден документ од фондот на Пелагониската митрополија што се чува во Историскиот архив на Македонија во Солун, се разбира, со уредно добиена дозвола. Станува збор за записник од седница на општинското претставништво/одбор на која меѓу осигурителните агенти меѓу кои се распределувало осигурувањето на општинските згради од пожар се вклучуваат Константин Папазоглу, таткото на проф. Таки и акад. Фанула Папазоглу, и како негов заменик неговиот шура Михаил Мацали.
Овој пост е по повод претстојната стогодишнина од раѓањето на Фанула во Битола на 03.02.1917, белградски научник што за својот роден град стори многу повеќе одошто мнозина битолчани тука. Ве покануваме на секој можен начин да помогнете овој јубилеј достојно да се одбележи во Битола.
Заседание на 23 декември 1910
На ова заседание, со кое претседаваше пречесниот митрополит на Пелагонија г-дин Стефан, при што од членовите на Општинскиот одбор беа присутни господата Димитриос Вафиадис, Наум Жуметику, Николаос Налбантис, Димитриос Мегаломасторас, Михаил Сонтис, Константинос Макрис, Јоанис Даленгас, Христос Милосис, Константинос Чому, Клеантис Матлис и Сотириос Алегриас, откако беше земен предвид извештајот од 19 ноември тековнава година на господата Папазоглу и Мацали, негов полномошник,* како сонародници претставници на англиското друштво за осигурување од пожар „Лојд“**, за да учествуваат по обновата на осигурителните договори за поседите на овдешната општина во осигурителните дела заедно со останатите сонародници претставници на такви друштва, се просуди и одлучи по претходна расправа и советување да се вклучат господата Папазоглу и Мацали заедно со другите овдешни сонародници претставници на друштвата за осигурување од пожар, имено господата браќа Г. Тахиаос, Петрос Данабасис, Петрос Пишурикас и Јанис Милосис, при што ќе се распределат подеднакво меѓу нив осигурителните дела за општествените поседи на овдешната општина. По што заседанието се распушти.
Претседателот: Општинскиот одбор:
+ Пелагониски Стефан Н. Н. Жуметику
Николаос Налбантис
К. Матлис
Хр. Милосис
С. Х. Алегриас
Јани Д. Даленга
* Не можеме да бидеме сосема сигурни бидејќи не ја познаваме совршено современата терминологија, но би требало Михаил Мацали да бил ополномоштен како заменик на Константин Папазоглу, а не обратно.
** Осигурителното друштво е дефинитивно „Лојд“, а во записникот место називот е даден описот „Општо од загуба“, што е веројатно последица на некое недоразбирање.