Населбата која, според Франце Месеснел, зафаќала големи размери, а чие откривање, тој го споредува со откривањето на античкиот град Стоби, односно, најпрво со откривање на христијанска црква, а потоа на другите делови на градот, се наоѓала на левиот брег на Ореовска Река, околу 3 километри од селото, кон запад. Наодите, кои потекнуваат од овој простор се бројни и се резултат на стражувањата на археолозите, кои успеале да истражат извесен дел од локалитетите пред да бидат уништени со експлотацијата на јаглен од страна на РЕК – Битола. Со рудникот за јаглен и акумулацијата, која е изградена над големиот коп, сосема се уништени локалитетите, Бртви, Ума, Ѓорчева Воденица, Музги-населба, Музги-некропола и Ќерамидница.

На повеќето споменати локалитети се пронајдени бројни археолошки наоди од движен и недвижен карактер, а со позначајни наоди располагаме од локалитетот Ќерамидница кој, освен градбите располага и со извесни ексклузивни археолошки наоди од движен карактер. Овој локалитет се наоѓал меѓу Ореовска Река и потокот Синевир, на падините на Селечка Планина, под селото Долно Ореово. Од археолозите, од овој локалитет, имаме опис на еден поплочен и заграден двор од куќа со димензии, 15х15 m, кој бил заграден со вертикално исправени плочи.При ископувањето биле пронајдени бројни фагменти од керамички садови, кои се датирани во 3 и 4 век на нашата ера а, посебно, се нагласува еден фрагмент со претстава на божицата Изида Фортуна, чиј култ се раширил во Македонија и Медитеранот со воспоставувањето на македонската лоза фараони во Египет, која започнала со Александар III Македонски и продолжила со неговиот генерал Птолемеј I Сотер (323 – 283 п.н.е.).
Извор и повеќе Пелагон





