Во чест и спомен на нивниот другар Благојче Илијески, годинава по трет пат ќе се одржи Меморијалниот марш – пешачење посветено на неговиот лик и дело.

Настанот е закажан за 14 јуни (недела), со почеток во 10:00 часот, а тргнувањето ќе биде од манастирот во село Крстовар. Учесниците ќе пешачат до манастирот во село Буково и повторно ќе се вратат на почетната точка, при што вкупната должина на патеката изнесува околу пет километри.
Организаторите информираат дека пешачењето ќе трае приближно два до три часа, со предвидени паузи за одмор и дружење. До селото Крстовар е овозможен пристап со возило, а до сите учесници е упатен апел да пристигнат 10 до 15 минути пред почетокот на турата.
Меморијалниот марш претставува можност преку заедничко дружење, пешачење и престој во природа да се зачува споменот на Благојче Илијески и да се оддаде почит кон неговото пријателство и човечност.
