Во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа 25. Општински натпревар „Млади библиотекари“, на кој учество зедоа ученици од основните училишта од Битола, како и еден ученик од основното училиште од село Добрушево.

Натпреварот се реализираше во позитивна и натпреварувачка атмосфера, а знаењата на учениците беа оценувани од тричлена комисија составена од м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, Маријан Колевски и Марија Марковска.
По прегледувањето на тестовите, комисијата ги соопшти резултатите:

Првото место го освои ученичката Ана Бучуковска од ООУ „Коле Канински“ – Битола, под менторство на наставничката Наташа Лозановска.
Второто место ѝ припадна на ученичката Сара Трајчевска од ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, под менторство на наставничката Викторија Јовановски.
Третото место го освои ученичката Јана Блажевски од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, под менторство на наставничката Александра Упале.
Победничката Ана Бучуковска ќе ја претставува Битола на Републичкиот натпревар „Млади библиотекари“, кој оваа година ќе се одржи на 15 мај во Ресен.
Со ваквите настани, библиотеката продолжува да го поттикнува интересот кај младите за книгата, знаењето и библиотекарството.
