Со дводневна показна и едукативна вежба во Битола и околината беше одбележан 1 Март, Светскиот ден на цивилната заштита, во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола.

Вежбата се одржа во текот на два дена – на 28 февруари и 1 март 2026 година. Активностите се реализираа во Битола, како и во близина на манастирот „Св. Ѓорѓи“ во селото Велушина, во пределот кон границата со Грција.
Првиот ден беше посветен на презентација на улогата на доброволните противпожарни друштва во системот за заштита и спасување, при што учесниците разменија теоретски и практични искуства, како и примери на добри практики.

Вториот ден беше организирана показна вежба со симулација на настан „гаснење пожар на отворен простор“. Во рамки на вежбата беше применета јасна командно-контролна структура (ICS) со однапред утврдени улоги и одговорности, со цел зајакнување на координацијата и меѓуинституционалната соработка меѓу институциите и доброволните друштва.

Од ДПД „Архангел“ – Битола упатија јавна благодарност до сите институции, партнери, доброволци и граѓани кои беа дел од настанот и придонесоа за неговата успешна реализација. Посебна благодарност беше упатена и до домаќините од манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Велушина за гостопримството и поддршката.

„Пожртвуваноста, дисциплината и посветеноста на нашите членови уште еднаш покажаа дека доброволците се важен столб во системот за заштита и спасување“, истакнаа од друштвото.

Од таму потенцираат дека ваквите активности се значајни за јакнење на подготвеноста и соработката, со заедничка цел – побезбедна и посилна заедница.





