ВО БИТОЛА СЕ ПЕЧАТЕЛ ВТОРИОТ БРОЈ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“: МАШИНАТА ШТО ЈА ЧУВА ИСТОРИЈАТА И ДЕНЕС

од • October 13, 2026 • 0 коментари

Битола, 14 ноември 1944 година. Само десетина дена по ослободувањето на градот, во една битолска печатница се случувал значаен настан за историјата на македонското новинарство.

Во тогашната Државна штампарија и цинкографија „Гоце Делчев“ се печател вториот број на весникот „Нова Македонија“, првиот дневен весник на македонски јазик.

Првиот број бил отпечатен на 29 октомври 1944 година во Горно Врановци, а третиот, од 22 ноември, веќе се печател во Скопје. Меѓу овие два историски датума, своето место го добила и Битола.

Особено интересен е фактот што печатарската машина на која бил отпечатен вториот број е зачувана до денес.

Станува збор за машина од марката „Paul Muller“, произведена во Берлин, која денес е изложена во музејската поставка на НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Во истата поставка се наоѓа и друга историска машина, „Josef Anger & Sohne“ од Виена, користена во битолската печатница „Гутенберг“, сопственост на браќата Владимир и Петар Димови. На неа во годините на окупацијата се печателе летоци, прогласи и други материјали.

Овие машини денес се многу повеќе од стари печатарски предмети. Тие се сведоци на едно време кога печатениот збор имал огромно значење, а Битола била дел од создавањето на современата македонска печатена историја.

Можеби најубавото во оваа приказна е што машината не исчезнала со времето. Таа сè уште постои, во нашиот град, како нем сведок на еден историски ноемвриски ден.

И додека илјадници луѓе низ годините ги читале страниците на „Нова Македонија“, малкумина знаеле дека еден од нејзините први броеви бил отпечатен токму во Битола.

Битола низ светските архиви | Бабам Битола

Извор: НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, музејска поставка.

Babam Bitola

Comments are closed.