Битола, 21 октомври 2025, Вчеравечер, во присуство на бројни гости, претставници од медицинската фела, јавниот живот, соработници и пациенти, свечено беше отворена Првата регионална очна болница во Битола – Систина Очна Болница by Промедика Офталмологија. Со ова, жителите на Битола и целиот Пелагониски регион добиваат пристап до врвна офталмолошка хирургија и нега, блиску до својот дом.

Оваа нова болница е резултат на речиси една деценија посветена работа, искуство и доверба стекната преку Дијагностичкиот центар Систина Офталмологија Битола, кој сега прераснува во современа болница, дел од најголемата и водечка офталмолошка групација – Промедика Офталмологија и Систина Офталмологија, со три болници, седум локации низ државата и повеќе од 150 вработени.

Свеченоста се одржа пред платото на новата болница, на истата локација каде што досега функционираше дијагностичкиот центар. На настанот присуствуваа бројни гости, меѓу кои директорот на Фондот за здравство, г. Сашо Клековски, градоначалникот на Битола, г. Тони Коњановски, како и Амбасадорот на Република Чешка, Н.Е. Јарослав Лудва.

Настанот беше збогатен со премиерно прикажување на промотивен спот со локални мотиви од Пелагонија, придружен со легендарната песна „Пелистерски очи“ од маестро Александар Џамбазов, препеана специјално за оваа пригода од Каролина Гочева.

Д-р Александра Гочева – Јерчиќ, домаќин на свеченоста, истакна:
„После речиси десет години посветена работа, љубов и упорност, нашиот Дијагностички центар прераснува во Прва регионална очна болница Битола – Систина Очна Болница by Промедика Офталмологија. Со отворањето на оваа болница, пациентите повеќе немаат потреба да патуваат во Скопје или странство за офталмолошки интервенции. Отсега, операциите, постоперативните контроли и целата нега се достапни токму овде, блиску до домот.“

Д-р Златко Арнаудовски додаде:
„Со отворањето на оваа болница продолжуваме успешна приказна започната пред повеќе од 15 години. Денес, со гордост можеме да кажеме дека нашата експертиза, врвна технологија и опрема стигнуваат поблиску до граѓаните на Пелагонија. Со три очни болници и над 30 офталмолози, ја создадовме најголемата очна групација во Македонија, со стотици илјади задоволни пациенти.“
Д-р Наум Трпеноски емотивно се осврна на своите почетоци во Битола:

„Пред повеќе од една деценија овде ги започнав првите операции во Битола, а денес повторно сме тука, но со поголем капацитет, технологија и визија. Како што се споменуваат во песната ‘Ако одам во Битола’, три пајтони – ние симболично во првиот ја носиме ‘Систина Офталмологија’, во вториот сме ние од ‘Промедика Офталмологија’, а во третиот носиме терет и мерак. Операциите се терет кој треба да се издржи, а ние донесовме и мерак, мерак да им дадеме подобар вид и подобар живот на граѓаните од Пелагонија.“
Новата Систина Очна Болница by Промедика Офталмологија ќе обезбедува услуги за пациенти од сите возрасти, со акцент на современи операции на катаракта, глауком и витроретинална хирургија, како и сите дијагностички и терапевтски процедури за очни заболувања.

Со отворањето на оваа болница, Систина Офталмологија и Промедика Офталмологија поставуваат нов стандард во пристапноста и квалитетот на офталмолошката грижа, означувајќи значаен момент во развојот на македонската офталмологија, овозможувајќи ЈАСЕН ВИД, БЛИСКУ ДО ДОМОТ.