На 26 февруари, НУУБ „Св. Климент Охридски“ во соработка со ООУ „Коле Канински“ го одбележа Светскиот ден на раскажување бајки со креативна и едукативна театарска изведба во просториите на библиотеката.

Пред бројната публика составена од ученици, родители и наставници, ликовите од најпознатите бајки оживеаја на сцената и ја донесоа магијата на книгите директно меѓу посетителите. Црвенкапа, Пепелашка, Снежана и џуџињата, принцот, лошата маќеа, библиотекарката и ловецот беа дел од приказната што ја испрати силната порака за значењето на читањето.

Во претставата беше вклучен и современ лик кој сметаше дека книгите се непотребни затоа што сите информации може да се најдат на паметен телефон. Неговата заблуда беше разоткриена низ дејствието, при што децата симболично покажаа дека технологијата може да помогне, но не може да ја замени мудроста, знаењето и вистинската вредност на пишаниот збор.

Учениците од V 1 одделение, под менторство на наставничката Марина Станковска, со искреност и креативност успеаја да создадат волшебна атмосфера и да потсетат дека бајките не се само дел од минатото, туку живеат и растат заедно со новите генерации.

На настанот се обрати и директорката на библиотеката, м р Емилија Стефановска Давкова, која нагласи дека читањето од најрана возраст е клучно за развојот на детето. Таа истакна дека книгите го збогатуваат речникот, ја поттикнуваат фантазијата и ја развиваат способноста за учење со разбирање, што претставува темел за понатамошен образовен успех.

Настанот заврши со силна порака дека книгите се срцето на секоја бајка, а библиотеката е домот каде што тие секогаш оживуваат, испраќајќи уште еднаш јасен повик до најмладите да другаруваат со книгите и да ја негуваат културата на читање.