„Војникот Рајан” од Битола: Приказната за Панде Матевски, битолчанецот кој не се врати од Нормандија

од June 6, 2026 0 коментари

БИТОЛА – Додека светот денес се потсетува на Денот Д – 6 јуни 1944 година, кога започна најголемата сојузничка инвазија во историјата, малкумина знаат дека меѓу војниците кои тргнале кон ослободување на Европа имало и едно момче од Битола.

Фамилијата Матевски, Панде долу, Петар е бебе

Неговото име било Панде Матевски.

За многумина непознат, а за Битола, вистинскиот „Војник Рајан“.

Роден во Битола во 1914 година, во семејството на чевларот Коста Матевски и мајката Фотина, Панде уште како млад со семејството заминал во Америка во потрага по подобар живот. Но, како и многу иселеници од тоа време, не успеал да избега од војната што го зафатил светот.

Во Чикаго работел како металостругар, а во 1941 година бил мобилизиран во американската армија. Во воените документи бил заведен како Panta Matevich, бидејќи тогаш Македонија се водела како дел од Југославија.

Панде е најголемиот десно

Заедно со својот брат Петар, Панде бил испратен на европскиот фронт. Илјадници километри далеку од Битола, двајцата браќа станале дел од една од најкрвавите битки во историјата, Битката за Нормандија.

Панде не се вратил дома.

Загинал во јули 1944 година, на само 30-годишна возраст, во борбите што следувале по истоварувањето на сојузничките сили во Франција. Неговиот брат Петар бил тешко ранет, но преживеал.

Но приказната не завршува таму.

Неговата мајка Фотина никогаш не се помирила со фактот дека нејзиниот син останал закопан далеку од родниот град. Со помош на семејството успеала да добие дозвола неговите посмртни останки да бидат пренесени во Битола. Во 1950-тите години, преку океанот, во лимен ковчег, Панде се вратил дома.

Денес почива на Буковските гробишта, а подоцна, по сопствена желба, до него била погребана и неговата мајка.

„Го испратила со мал куфер, а го пречекала во голем ковчег“ – сведочат неговите блиски во документарниот филм посветен на неговиот живот.

Денес, 82 години по Денот Д, кога во Нормандија повторно се одржуваат комеморации во чест на паднатите борци, Битола има обврска да се сети на својот херој. На момчето кое заминало во потрага по подобар живот, а завршило како дел од една од најголемите жртви за слободата на Европа.

Панде Матевски не бил лик од холивудски филм.

Тој бил битолчанец.

И неговата приказна заслужува никогаш да не биде заборавена.

Вечна слава на Панде Матевски, „Војникот Рајан“ од Битола.

Голема благодарност до Панде Димитровски

Babam Bitola

Comments are closed.