На риболовното подрачје „Стрежево“ се воведуваат привремени мерки за заштита на рибниот фонд, кои ќе важат во периодот од 25 април до 15 јуни 2026 година.

Од надлежните информираат дека мерките се донесени со цел зачувување на природната рамнотежа и обезбедување одржлив риболов, особено во период кога рибите се најосетливи поради мрестот.
Во наведениот период целосно е забранет ловот на крап и клен, додека забраната за сом важи од 15 април до 15 јуни. Дополнително, не е дозволен риболов од пловни средства, како и риболов на потегот од спојот на реките Ротинска и Шемница, па сѐ до акумулацијата кај мостот во село Лера.
Риболовците ќе можат да ловат исклучиво од брег, со една трска и една јадица, при што дозволениот дневен улов за останатите видови риба е до три килограми по риболовец.

Одговорните институции апелираат до сите љубители на риболовот да ги почитуваат правилата и да покажат одговорност, со цел заеднички да се заштити рибниот фонд и да се зачува екосистемот на Стрежево.
Овие мерки имаат за цел долгорочно да придонесат за обновување на рибниот фонд и одржување на биолошката разновидност во акумулацијата.
