Согласно Риболовната основа за риболовното подрачје „Стрежево“, од 15 април до 15 јуни 2026 година стапува во сила привремена забрана за лов на сом (Silurus glanis).
Надлежните информираат дека во овој период не се воведува целосна забрана за риболов на акумулацијата „Стрежево“, туку се применуваат временски ограничувања кои се однесуваат на одредени видови риби, согласно нивниот биолошки циклус.
Забраната за лов на сом е воведена со цел заштита на овој вид во периодот на мрестење, кога е најранлив. Со оваа мерка се овозможува природно обновување на популацијата и се придонесува кон одржливо управување со рибниот фонд во акумулацијата.
Одговорните апелираат до рекреативните и спортските риболовци да ја почитуваат забраната, со цел зачувување на природните ресурси и долгорочна заштита на биодиверзитетот.
