Националната установа Камерен Оркестар на Битола од денес е побогата за уште еден официјален член – Владимир Димовски. Со тоа, оркестарот брои седум вработени музичари, а овој чекор претставува симболично и суштинско признание за човек кој со години е двигател на институцијата.
Владимир Димовски е еден од најзаслужните за тоа Камерниот оркестар да прерасне во национална установа – процес кој конечно беше реализиран во 2023 година, по долги години залагање и напорна работа. Преку неговата визија, енергија и љубов кон музиката, се отворија нови можности за класичната уметност во Битола и пошироко.
Како дел од тимот што ја продолжи мисијата започната од маестро Зоран Маневски, Димовски заедно со Никола Трајановски и другите истакнати членови како Валентин Наумов, Дејан Цветковски, Милена Марковска, Љупчо Милевски, Дејан Арсиќ, Игор Милевски, Владимир Цветковски, Коста Стеваноски и многу други, придонесе за унапредување на програмата, визуелниот идентитет и сценската поставеност на оркестарот.
Неговата работа е насочена кон развојот на оркестарот, приближување на класичната музика до пошироката публика, отворање простор за нови уметници и создавање силна културна понуда за градот Битола.
„Некои луѓе не мораат да бидат формално вклучени за да се чувствуваат како неизоставен дел од приказната. Но кога конечно стануваат дел – тоа не е промена, туку признавање на нешто што одамна е вистина.“
Ова е токму таков момент.
Добредојде, Владимир. Конечно – и официјално.





