Една од песните што останаа запаметени кај генерациите кои растеа со СИ-ДО е и „Кети, Кети“, која пред три децении ја испеа Владимир Димовски, денес познат и препознатлив како диригент, виолист и музичар.

Но, прашањето што многумина и денес си го поставуваат е, дали Кети навистина постои?
„Кети како Кети не постои. Едноставно, текстописецот Владимир Нејашмиќ напишал еден симпатичен детски текст кој останува во главата. Во исто време го поздравувам, ете дури и се погоди да имаме исто име “, раскажува Владимир низ насмевка.
На неодамнешниот концерт посветен на 30 години СИ-ДО, Владимир повторно застана на сцена и ја оживеа песната што многумина сè уште ја паметат.

Иако сцената не му е непозната, чувството било сосема поинакво.
„Публиката ме знае дека јас не сум човек што многу сака да зборува на сцена. Повеќе сакам да диригирам, да свирам и да создавам проекти. Таму најдобро се чувствувам – со оркестарот, со целата енергија што ја градиме заедно“, вели Димовски.

Токму затоа, по толку години повторно да запее, било вистински предизвик.
„Пеењето за мене по 30 години беше предизвик. И тоа не мал. Кога диригираш или свириш, имаш инструмент, имаш оркестар, имаш една друга улога. Кога пееш е веќе подруго. Но, сепак морам да признаам дека чувството беше убаво да се оживее тоа време. Малку необично, малку со трема, но многу искрено од страна на сите изведувачи“, раскажува тој.
Иако веќе повеќе од 20 години активно настапува на сцена како диригент и виолист, оваа улога сепак била нешто сосема различно.

Така, „Кети, Кети“ повторно оживеа, не само како детски хит, туку како дел од едно време кое многумина сè уште го носат во срцето.

