Деновиве се навршуваат 25 години од Битката за Радуша, чии најжестоки борби се одвиваа од 9 до 12 август 2001 година, непосредно по масакрот кај Карпалак на 8 август и само еден ден пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор на 13 август.

По четврт век, сведоштвата на директните учесници остануваат важен дел од зачувувањето на сеќавањето за настаните кои ја одбележаа поновата македонска историја.
Објавуваме сведоштво на поранешен припадник на Посебната единица на полицијата – ПЕП Битола, кој тврди дека бил директен учесник во борбите кај Радуша.
Според неговото сведоштво, припадниците на ПЕП Битола пристигнале во Радуша на 8 август 2001 година, истиот ден кога кај Карпалак загинаа десет припадници на резервниот состав на АРМ. По преземањето на позициите од колегите од ПЕП Велес, денот го поминале во набљудување, поставување позиции и запознавање со теренот.
Следниот ден ситуацијата драматично се променила.
„Сѐ до 18:30 часот смената се одвиваше мирно, без ниту еден испукан куршум. Сѐ се смени кога авион Су-25 на АРМ надлета над Радуша. Од селото беше отворен оган кон авионот, а потоа огнот беше насочен кон нас“, сведочи учесникот.
Според неговиот исказ, во текот на вечерта борбите се засилиле со митралески, минофрлачки и ракетен оган. Околу 2 часот по полноќ започнал силен напад врз македонските позиции.
„Имавме среќа и имаше Господ. Таа вечер го одбивме нападот и се извлековме сите живи“, раскажува тој.
Борбите продолжиле и следниот ден. Полицајците останувале со сѐ помалку муниција и вода, додека, според сведоштвото, од Жеден врз нив се дејствувало со снајперски и митралески оган.
Околу 14 часот се појавиле два хеликоптери Ми-24, кои дејствувале врз противничките позиции, а подоцна поддршка дал и авион Су-25.
Во вечерните часови во Радуша пристигнале припадници на ПЕП Прилеп и ЕСЗ „Тигар“. Авторот на сведоштвото посебно се осврнува на одлуката ПЕП Битола да се повлече кон Скопје:
„НИКОГАШ НЕМА ДА СИ ПРОСТАМ ШТО ГИ ОСТАВИВМЕ КОЛЕГИТЕ, А ПОСЕБНО РЕЗЕРВИСТИТЕ ВО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА, ЗА КОИ НЕМАШЕ НИКАКВА ПОМОШ НИТУ ЗАМЕНА. БЕА ОСТАВЕНИ НА ЦЕДИЛО!“
При повлекувањето, според неговото сведоштво, пет припадници на ПЕП Прилеп биле ранети, но нивните колеги останале во Радуша и продолжиле со одбраната.
Како учесници во борбите тој ги посочува ПЕП Битола, ПЕП Прилеп, резервниот состав на МВР и припадниците на АРМ, а посебно ја истакнува поддршката од припадниците на АРМ со кои, како што вели, имале постојана комуникација и координација.
„Поради нив сме денес живи и здрави… Почитувани, како директен учесник во настаните, ви тврдам – ова е вистината за Битката за Радуша.“
Битката за Радуша останува еден од најжестоките судири од конфликтот во 2001 година. Се случува во исклучително драматичен период – меѓу Карпалак и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Ова е лично сведоштво на директен учесник и го објавуваме како придонес кон зачувувањето на сеќавањата на македонските бранители. Дел од бројките, проценките за силите и загубите, како и одредени детали наведени во сведоштвото, претставуваат тврдења на авторот и бараат независна историска потврда.
Објавено во Македонска Одбрана
