Во Општина Битола е формиран новиот состав на Локалниот младински совет (ЛМС), со мандат за периодот 2025–2027. Постапката започна со формирање на иницијативен одбор по објавен јавен повик, на кој се пријавија пет лица. Овие кандидати станаа дел од иницијативниот одбор, кој подоцна го објави јавниот повик за Локално собрание за млади.
На јавниот повик за Локалното собрание за млади се пријавија 18 лица – 9 делегати и нивните 9 заменици. Тие го распишаа огласот за членови на Локалниот младински совет, на кој пристигнаа 15 пријави. Согласно бројот на советници во Советот на Општина Битола, по презентација на нивните предлог-програми и спроведено тајно гласање, беа избрани 9 членови.
Денес, членовите на Локалниот младински совет за претседателка ја избраа Викторија Брдаровска.
„Како претседателка на Локалниот младински совет се надевам на конструктивна соработка со сите млади од општината. ЛМС е подготвен да го спроведе Законот за младинско учество и младински политики на начин како што е предвидено. Советот е огледало на младите, и ние ќе се потрудиме да го дадеме својот максимум“, изјави претседателката на ЛМС, Викторија Брдаровска