Објективот на Атанас Нашоку Саку е вперен во честички од простор-времето. Овој (механички) поглед не е втренчен, туку само
прецизен и конкретно спуштен врз површините на стварноста и така
набљудувајќи ги површините на реалноста ја трансцендентираат и ги прикажуваат надреалистичките својства на фотографијата.

Надреалноста на фотографијата е пак впишана во нејзината суштина, во самото удвојување на реалноста, во стварноста од втор степен, која сепак е подраматична од стварноста која е предмет на природно набљудување. Внимателно изолирајќи делчиња простор, во многу крупен кадар Атанас Нашоку – Саку ни ја доведува во прашање свесноста за макро планот. Во микрокосмосот ни се открива макрокосмос и наеднаш интензивното присуство на реалноста слика надреални светови. Всушност, ваквата философска контемплативност, која преку контрадикции изведува светови е застапена во целиот циклус кој во оваа прилика го изложува авторот. Речиси молитвената мисловност во делата не е ограничена на техничката постапка, туку со неа е осмислен целиот творечки процес. Осмислувањето поставува претстави со една кротка жестокост карактеристична за највисоката традиција на сликарските мајстори.

И во сите свои контемплативност и дијалектичност, кроткост и жестокот, делата кои пред нас ги претставува Атанас Нашоку – Саку: пркосат. Пркосат лишени од секаков афектизам, ненаметливо и софистицирано, но пркосат на сè. Речиси како да не повикуваат да пристапиме кон едно ничеанско преиспитување на сето. Иако пркосот повеќе би го карактеризирале како акциденција, отколку како интенција, сепак фотографските слики на кои сме изложени
во склоп на оваа изложба се парадигма за уметникот и неговиот медиум и нивното место и влијание врз светот. Уметникот преку разни постапки (па дури и колизија) се обидува да ја врами вистината во форма, а во име на тоа, фотографијата како медиум, во случајов, е поместена до крајни граници. Тоа поместување е ослободено од секаква скандалозност, што не й е својствено на фотографијата како медиум кој шокира во онаа мера во која прикажува нешто ново.

Напротив, во своите фотографии Атанас Нашоку – Саку не наоѓа украс во скандалозната воздишка, ами тој се користи со архетипски предмети. Плодот, мразот, трагите на времето се оние нешта од кои се сочинети ликовните сентенци. Мисловната нарација пак, се одвива во набљудувачот под силната сугестија на замрзнатите (во секоја смисла) честички простор-време. Во светлописниот ракопис на авторот очигледно е присуството на театарското искуство. Тој со театарска фотографија се занимава од 1976 година и таму, како и тука е „присутен уметничкиот експеримент и обидот да се дофатат клучните кадри, не како пресликување на виденото, туку индивидуално видување“, ….. наместо движењето на постоечките фигури, ги сместува во кадар сенките – тие непостоечки но чисто уметнички знаци, каква што е секоја уметност, па и театарската.” (Р. Иванишевик).

Оттука заклучуваме дека Атанас Нашоку – Саку низ сето свое творештво се ползува со едно режирање на стварноста автентично за неговата творечка личност преку кое фотографијата не се третира само како потврда на реалноста, туку и како инструментариум преку кој (sténopé) зеркаме во метавидливото и го „заловуваме“ вкрстувањето на времињата. Во една Витманова традиција според која „Не се сомневаме дека величественоста и убавината на светот не се сокриени во секој негов мал момент… не се сомневаме дека во тривијалностите, инсектите, простаците, робовите, џуџињата, плевелот и отфрленото ѓубре има многу повеќе од тоа што претпоставувавме…” авторот употребува предмети кои секојдневно ги гледаме и не повикува да се запршаме дали навистина ги гледаме, ни ја предочува површината проследена со обврска да створиме помисла, или уште подобро чувство, интуиција, за она што е отаде површината, каква мора да биде вистинската реалност, ако површината изгледа вака.

Фотографијата коа сама по себе не може ништо да објасни, неуморно повикува на дедукција, шпекулација и фантазија. Употребата на само двата ликовни елементи: плодот / цветот и водата во целост го определува философско / мисловниот наратив на.делата, а допуштените модификации врз нив само го продлабочуваат истиот, додека во исто време ги бележат промени врз просторот и времето. Трулежот на плодот и мразот во кој почива цветот не се воведени само за да се задоволи естетската потреба на окото на спектаторот, туку и да се стимулира естествената потреба на битието.

Плодот и водата (два силни архетипски симболи) преминуваат во трулеж и мраз во просторот, но низ времето и со самото тоа концентрираат неколку точки на времето во единствена точка во просторот, со што ги трансцендентираат времињата кои можеме да ги набљудуваме. Атанас Нашоку – Саку не се потпира на случајноста и апсолутното
режирање кое го применува врз предметот од кој прави светлосен отпечаток прави транспонирање на фотографијата од инвентар на смртноста во инвентар на вечноста. Фотографските слики на оваа изложба не кокетираат со сентименталната фасцинација од смртноста, туку ја портретира
цикличноста на настаните преку органските претстави на минливоста во времето кое се движи линеарно. Венеењето на цвеќето е замрзнато во водата од која се хранело исто како што трулењето на плодот е замрзнато од фотографијата, речиси сонетна илустрација на повредите кои ги создава времето. Бидувајќи тенок исечок на простор и време, фотографијата добива една нова смисла на информации. Спротивставена на свет кој е владеен од визуелното, таа не си дозволува ниту еден произволен агол (на кадрирање). Иако навидум сè може да се раздели од сè друго и секој континуитет може да биде нарушен: тешко е да претпоставиме поинакво кадрирање на предметот.

Освртувајќи се кон номиналистичкиот поглед на стварноста како збир од наизглед бесконечен број на мали единици (исто како што е неограничен бројот на фотографии кои може да се направат од било што) авторот нè поставува пред длабоко мисловен аранжман, многу суптилно насочувајќи не кон препознавање на макрокосмосот во.микрокосмосот и осликувањето на вечноста преку времето минливо.

Сето ова е изведено во манир кој повеќе наликува на објект од
убавите уметности од преддемократската ера, оставајќи впечаток дека.делото му должи многу на намерата на уметникот. На фотографиите им се далечни инстант историјата, инстант социологијата и инстант учеството, затоа што низ една режисерска минуциозност посочена ни е да видиме нова убавина низ она што одминува. Има нешто необично смирувачко во речиси блејковскиот потфат на Атанас Нашоку – Саку на другите да им го откриваат живиот свет кој ги опкружува.” Или како што Вестон ќе напише за сопственото дело да им го покаже на другите она што пропуштиле да го видат со сопствени очи”.

Студиозноста со која се осмислени и изведени делата ни сугерира секоја фотографија да ја доживуваме како цитат. Цитат кој колку повеќе не соочува со ефемерноста, толку повеќе се наѕира вечноста и колку повеќе нè соочува со стварноста толку повеличествени облици се јавуваат. Можеби најголемиот триумф во делата наоваа изложба е нивната способност да ја откријат убавината во скромното, истоштеното, дотраеното. Ова е
вообликување на патос, а тој патос е – убавина. Атанас Нашоку – Саку ги поместува можностите на фотографијата до крајни граници, одземајќи и ја на фотографијата површната наративност. Неговите фотографии не објаснуваат – тие потврдуваат. Ја потврдуваа убавината и нејзината вечност.

Филип Иванишевиќ