Битола, вечерва ќе биде домаќин на еден од најпрепознатливите детски музички и сценски проекти во регионот – 5+ Бенд. Концертот ќе се одржи на 29 август (петок) со почеток во 20:00 часот, во големата сала на Центарот за култура – Битола, како дел од официјалната програма на БИТФЕСТ 2025.

Организатор на настанот е ОХО продукција, компанија што повеќе од две децении е синоним за квалитетна детска продукција. Со стотици епизоди, концерти и претстави, „5+ фамилија“ претставува еден од најуспешните македонски проекти за најмладата публика, познат по својата иновативност, високи продукциски стандарди и јасна мисија, преку музика и игра да ги пренесува пораките за љубов, пријателство, креативност и почитување на различностите.

На сцената ќе оживеат омилените ликови Лина, Петко, Лиз, Детективот Цветко, Тетка Душке, Комшито и Алек, а публиката ќе ужива во изведбите на најпознатите хитови – „Маскенбал“, „Чудна шума“, „Тераса“, „Сите сме еднакви“ и многу други песни кои веќе се дел од колективното детско наследство.

Со својот карактеристичен пристап, 5+ Бенд повторно ќе покаже дека детската забава може да биде и едукативна и забавна, но и квалитетно продуцирана, со внимателно осмислени сценски елементи и оригинална музика.

Билети

Влезниците по цена од 150 денари може да се набават:
• на билетарата на Офицерски дом – КИЦ Битола (до 16:00 часот),
• на билетарата на НУ Центар за култура Битола (по 16:00 часот),
• или онлајн преку: 3D Кино Битола.

📍 Локација: Центар за култура – Битола
🗓 Датум и време: 29 август, 20:00 часот

Со овој настап, БИТФЕСТ уште еднаш потврдува дека неговата програма носи врвни културни содржини и за најмладите, отворајќи простор детската публика да расте со уметност и музика од највисок квалитет.