По историскиот пласман во ланската сезона и настапот во финалето на Купот на Македонија, Еурофарм Работник обезбедија пласман во Челинџ Купот. Битолскиот суперлигаш започна да ја пишува и европската историја и обезбеди пласман во осминафиналето од ова натпреварување. Тимот предводен од Илија Темелковски славеше и на гостински терен против Гранитас Каунас со 23-29 и потврди дека е подобар колектив од литванскиот претставник.
Битолчани добро го почнаа мечот и со два гола на Ојлески и по еден на Дрогришки, Чурлевски и Кукоски по првите 12-13 минути одржуваа егал ситуација на семафорот (5-5). Древинскас и Старолис постигнаа по два гола на поставена одбрана, но екипата на Еурофарм Работник одлично ги контролираше работите на паркетот.
Полека се разиграа сите делови од мозаикот на Темелковски, Ивановски меѓу стативите и Граџан на линијата, па во 20. минута, македонскиот претставник поведе со 7-8, по две минути подоцна по контрата на Ојлески и првпат имаа +2. Со одличен финиш, Еурофарм Работник на одмор замина со предност од 10-11.
Момците на Темелковски го одржуваа водството од 3 голови, 13-16, пред домашните да се заканат со два гола во серија за 15-16. Но со играч помалку погоди Мојсоски за 16-19. Колективот функционираше беспрекорно и со многу леснотија македонскиот тим го приведе натпреварот кон крај за финалниа победа од 23-29.
Најефикасни во екипата на Еурофарм Работник беа Ојлески со 7, Граџан со 5 и Пецаковски со 4 гола, а кај домашниот Гранитас Каунас се истакна Древинскас со 7 гола.
Ждрепката за осминафиналето на Челинџ Купот е во вторник во Виена.
Извор и фото РК Еурофарм Работник