Вториот фестивалски ден од детскиот фолклорен фестивал „Весел Петок“ се одржа вчера во духот на традицијата, во рамки на празнувањето на Источен Петок – Балаклија, познат и како Градски Селски Велигден.
Со разиграно дефиле низ улиците на Јенимале, исполнето со детска насмевка, народни носии и звуци на македонскиот фолклор, младите учесници донесоа посебна празнична атмосфера. Дефилето продолжи со концерт „на сред село“, каде публиката уживаше во богата програма исполнета со ора и песни.
На сцената настапија домашни и гости ансамбли, меѓу кои КУД „Дримкол“ од Вевчани, КУД „Илинден“ од Демир Хисар, ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија, КУД „Топлица“ од Прокупље, КУД „Далмација“ од Дуги Рат и МКС „Червени Костелец“ од Чешка.
Фестивалот уште еднаш покажа дека традицијата живее преку најмладите, кои со љубов ја негуваат и ја пренесуваат од генерација на генерација, претворајќи го „Весел Петок“ во вистински празник на фолклорот и заедништвото.















